На денешната седница, на предлог на Министерството за внатрешни работи, се донесени уредби со законска сила за патните исправи и за возачките дозволи на државјаните на Македонија за време на вонредна состојба, со кои се продолжува рокот на овие лични исправи до 31 јули 2020 година.
На оваа своја седница Владата ја донесе Програма за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот ковид-19, согласно која ќе се врши исплатата на финансиски средства за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност – баратели на финансиска поддршка, погодени од здравствено – економската криза предизвикана од коронавирусот ковид-19, за месеците април и мај 2020 година, во висина од 14.500 денари месечно.
Владата ја усвои и Информацијата за започнување на програмирањето на Инструментот за претпристапна помош ИПА III за периодот 2021-2027, и ги задолжи министерствата да ги спроведат подготовките на стратешкиот одговор, организацијата на состаноците на секторските работни групи, како и подготовката на Акциските фишеа за 2021 и 2022 и Акциската програма во рамките на ИПА III.
На седница ја разгледа и ја усвои и Информацијата за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската унија (ФСЕУ) за справување со финансиското влијание на ковид-19.
Во април 2020 година, како дел од Иницијативата за инвестициски одговор на коронавирусот ЕУ го прошири опфатот на ФСЕУ и тој сега вклучува и финансирање на активности поврзани со сериозни вонредни ситуации од здравствена природа поврзани со ковид-19, и обезбеди финансиска поддршка од околу 800 милиони евра за најпогодените држави, со што би се олеснил товарот предизвикан од итните мерки. Пристап до овој фонд имаат земјите членки на ЕУ, како и земјите кандидати за членство во Унијата.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го прифати усогласениот текст на Амандманот бр.3 на Договорот за грант меѓу земјава и Соединетите американски држави – САД, од програмата на УСАИД, за развојната цел: „Република Северна Македонија е просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.Со овој амандман на Договорот за грант, УСАИД го зголемува износот на средства кои ги доделува со дополнителни 15.929.675 долари, кои ќе бидат наменети за поддршка на растот на приватниот сектор, за поголема вклученост на информирани граѓани, за програми за добро владеење, како и за проекти за подобра кохезија во општеството.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата и даде согласност за спроведување на постапка за набавка на моторни возила и мебел за потребите на Командата на СЕЕБРИГ (South-Eastern Europe Brigade – SEEBRIG). Во врска со ова, Владата го прифати мислењето на Министерството за одбрана за неопходноста од набавката за Командата на СЕЕБРИГ, мултинационалната бригада на Југоисточна Европа во која партиципираат шест земји членки на НАТО (Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Северна Македонија и Турција), која со почеток од месец август 2020 година ќе биде стационирана во касарната во Куманово, во која во наредните 6 години, 60 офицери на НАТО, ќе работат во командата на оваа бригада.