Техничкиот премиер Оливер Спасовски повторно посочи дека уште долго време нема да биде исто како што било пред пандемијата, по што повика граѓаните да се навикнат на новата состојба. На денешната седница на Владата усвоени се уредбите за олабавување на мерките. Спасовски посочи дека попуштањето на рестрикциите ќе се одвива во три фази, од кои, првата веќе е започната со отворање на моловите, спортските обложувалници, но и со отпочнувањето со работа на автошколите, автоиспитните центри, спортските тренинзи на отворено. Тој посочи дека состојбата е под контрола.
– Го донесовме првиот пакет мерки со кој ги намалуваме рестрикциите и преземаме нов чекор кон новата нормалност во одредени области, кои во оваа фаза на пандемијата со ковид-19 во нашата земја го дозволуваат тоа. Сметаме дека ситуацијата е под контрола, не дозволивме ширење на коронавирусот кое посериозно би го загрозило здравјето на граѓаните, а здравствениот систем постигнува ефикасност во борбата со фаталните последици од вирусот. Од Комисијата за заразни болести имаме јасни укажувања дека влегуваме во период кога се очекува дополнително опаѓање на интензитетот на ширење на вирусот, што ја отвора можноста за попуштање на мерките, по крајно прецизни критериуми. Мерките не само што дадоа добри резултати, туку и ги зајакнавме медицинските капацитети, повеќе од тоа што беа на почетокот – рече Спасовски.
Критериумите за спроведување на трите фази за олабавување на мерките се донесени од Комисијата за заразни болести, посочи техничкиот премиер.
– Сите следни чекори кон новата нормалност ќе зависат од три најважни критериуми. Прво дали пандемијата е ставена под контрола, второ дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи по олеснување на мерките и трето, дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти, како и да идентификува повторување на случаи – кажа Спасовски.
Според него, првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности, втората фаза ја нарекува транзициона во која ќе се работи согласно стриктни протоколи, а пак, третата фаза е потполно враќање на редовниот работен процес.
– Владата го донесе планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази. Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес, со почитување на основните превентивни мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање. Ова значи дека дури во третата фаза, кога ќе воспоставиме целосна функционалност во сите сектори, нашите обврски ќе продолжиме да ги извршуваме во поинакви услови согласно новата реалност, со што новото секојдневие станува и наша нова нормалност. Тоа веќе не треба да се гледа како ново и страшно, туку како неопходно за заштита на нашето здравје – додаде Спасовски.
Согласно олабавувањето на мерките, од утре ќе започнат со работа автошколите, автоиспитните центри, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, како и центри за едукација. Од утре, ќе може да се одржуваат и конференции, а со работа ќе започнат и спортските обложувалници.
– Од утре ќе започнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа, за дејности за кои има помал ризик. И тоа, Завод за рехабилитација на слух, говор и глас-Скопје, центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции, автошколи, автоиспитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови и тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер, затворени трговски центри и молови без угостителските објекти во нив. За да се постигне максимална заштита, ќе се применуваат посебни протоколи за работа на секоја од овие дејности. На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување на состаноци, седници, обуки, семинари, конференции и настани ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу шест часа, со задолжителна пауза, на секој два часа. Пред почетокот на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми како температура, кашлица, отежнато дишење, им се препорачува да не присуствуваат на настанот. Настаните ќе се организираат со ограничен број на присутни, со цел да има физичко растојание од 1,5 до 2 метри, како и со задолжително носење на заштитна опрема. Просторијата ќе мора задолжително да се проветрува, а по завршување на настанот таа да се исчисти и дезинфицира со средство кое делува на вируси. Максимум до 30 лица може да присуствуваат на конференции на органи на управување – кажа Спасовски.