Како тим напредуваме многу, а и јас самиот како играч, дефинитивно, вели Ван Дајк во интервју за „Скај спорт“, во кое се навраќа на секој битен дел од кариерата
ФУДБАЛ – ВИРЏИЛ ВАН ДАЈК, ЦЕНТАРХАЛФ НА ЛИВЕРПУЛ
Метеорскиот подем на Вирџил ван Дајк му обезбеди медал за освојување на Лигата на шампиони (ЛШ), а покрај тоа тој може да се пофали и со признанието за најдобар дефанзивец во европскиот фудбал. Но центархалфот на Ливерпул и на холандската репрезентација не се задоволува само со тоа и вели дека тоа е само почеток на неговото „патување“. Од почетоците на кариерата во полупрофесионалната лига на Холандија, за својот развој од момче во човек, за освојувањето на првите трофеи со Селтик во Шкотска, кои кулминираа со европската титула лани со „црвените“, секој чекор се покажа како клучен во обликувањето на Ван Дајк во играч каков што е денес. Во ексклузивно интервју за „Скај спорт“, Ван Дајк се навраќа на секој битен дел од кариерата.
НЕ БЕВ ДОВОЛНО ДОБАР: Во академијата на Вилем Втори играв десет години. Имаше период, на возраст од околу 16 години, кога бев на работ да не одам следната година на академијата. Не бев доволно добар, многу време бев на клупата. Во текот на летото пораснав доста и потоа сѐ тргна на добро. Имав повреда во ципите, бидејќи растев, но потоа напредував со големи чекори. Играв редовно, бев капитен на тимот до 18 години и во тоа време бев разочаран што не дебитирав во Првата лига со Вилем Втори. Потоа се преселив во Гронинген и тоа беше одличен чекор за мене, за да се развивам како играч и како човек. Првпат живеев сам, уживав, а и клубот имаше неколку добри сезони.
НЕ РАЗМИСЛУВАМ ЗА НЕГАТИВНИТЕ РАБОТИ: Никогаш не сум имал чувство дека треба некому нешто да му докажувам. Кога пристигнав во Гронинген, живеев во станбен блок каде што живееја и други играчи, и се сеќавам дека во претсезоната сите отидоа на подготовки со првиот тим, а јас со тимот до 23 години. Имав чувство дека треба да тренирам понапорно, затоа што сакав да дебитирам што е можно поскоро. Немав возачка дозвола во тоа време, па морав да користам велосипед секој ден. Беше тешко, но сите овие мали работи што ми се случија, ме направија тоа што сум денес. Навистина не се грижам дали луѓето се негативни во врска со мене, не ми е грижа за одредени мислења што понекогаш можат да имаат негативно влијание доколку премногу размислувате за нив.
КУМАН КЛУЧЕН ЗА ПРЕ-СЕЛБАТА ВО САУТЕМПТОН: Главната причина што заминав во Саутемптон беше Роналд Куман, иако познавав играчи што беа таму, Душан Тадиќ, Жорди Класи, Грацијано Пеле. Имавме фантастичен тим и мислам дека тоа беше одлична сезона. Таму ми беше многу добро.
ПОТПИШУВАЊЕ ЗА ЛИВЕРПУЛ: За мене беше надреално да морам да донесам одлука помеѓу Ливерпул и другите врвни клубови и каде да одам во тоа време. Но имав чувство дека Ливерпул е најдобрата опција за мене поради повеќе работи од играчки аспект. Кога отидов во Селтик, не сфатив колку е голем клубот, но пред да му се придружам на Ливерпул бев свесен колку навистина е голем Ливерпул. Имав гледано многу нивни мечеви, двапати играв на „Енфилд“ и со текот на времето запознав многу луѓе навивачи на Ливерпул, кои ми велеа: „Се надеваме дека ќе потпишете за нас“. Дебито против Евертон во ФА-купот беше нешто што никогаш нема да го заборавам. Работите тргнаа напред, почнувајќи од зимата па до мај стигнавме до финалето во ЛШ. Бевме разочарани, бидејќи загубивме. Но една година подоцна ја освоиме титулата, блиску сме до освојување и на Премиер-лигата. Како тим напредуваме многу, а и јас самиот како играч, дефинитивно.
КРАЛЕВИ НА ЕВРОПА: Освојувањето во ЛШ беше надреално. Ноќта спиев само еден час, потоа веднаш се вративме во Ливерпул и отидовме на победничката парада низ градот. Едвај ги држев очите отворени, бев многу уморен, но сето тоа беше неверојатно. Тоа е нешто што сакаме пак да го доживееме, без разлика дали во Премиер-лигата или во ЛШ. Досега патот по кој одев во кариерата беше вистинскиот, затоа што ме однесе таму каде што сум денес. Напредував со напорна работа и многу посветеност и тоа е нешто на што сум горд. Тоа е нешто што треба да инспирира многу млади играчи.
Победничкиот менталитет е стекнат во Селтик
Преселбата во Селтик беше слична на онаа од Вилим Втори во Гронинген. Вилем Втори е на југот, Гронинген е на север, така што и преселбата во Селтик беше нешто слично, различно опкружување со различен јазик. Селтик е огромен клуб, луѓето уште не сфаќаат колку е голем. Таму поминав две фантастични сезони. Научив многу за фудбалот и за животот. Европските мечеви беа извонредни, научив многу и за тоа како да се справам со одредени напаѓачи. Премиер-лигата на Шкотска не е најтешка на светот, но тоа е лига каде што сите очекуваат да победувате и тоа беше нешто ново за мене. Триумфот во првенството беше нешто што порано го немав доживеано и таа преселба во Селтик ме направи победник. За мојот развој беше многу важно што отидов таму, вели Вирџил ван Дајк.