Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, на прес-конференција, заедно со дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ говореа за прилагодувањето на системот на социјална заштита за брз одговор во услови на здравствено- економска криза.
– Зголемената социјална помош што корисниците ја добиваат како гарантирана минимална помош, детскиот и образовниот додаток, социјалната пензија и сите други видови социјална помош не само што и во оваа тешка економска состојба редовно се исплатува, туку е зајакната со мерките кои го олеснуваат пристапот до правата за парична помош – рече Бајрактар.
Тој посочи дека во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита за месец април.
– Заклучно со четврток, целосно ќе биде исплатена гарантирана минимална помош, а со последните измени и релаксирање на системот на социјална заштита, овие домаќинства добиваат и 1.000 денари месечно енергетски додаток и во месеците од април до септември – посочи заменик министерот.
Бајрактар нагласи и дека во центрите за социјална работа, од моментот на носење на уредбата со која се овозможи брз влез во системот на социјална заштита, од 3 април, пристигнати се околу 2.000 нови барања за гарантирана минимална помош кои се решаваат тековно.
Дополнителната заменик-министерка Шкријељ потсети дека Владата и Министерството за труд и социјална политика донеле сет мерки за релаксирање на критериумите врз основа на кои може да се користи гарантирана минимална помош.
– За да ги заштитиме корисниците на надоместок поради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање конзилијарно мислење. Исто така, центрите ќе одлучуваат за правото на гарантирана минимална помош само врз основа на доставената документација од подносителот на барањето и обезбедената документација по службена должност, а увидот во домаќинството ќе се изврши во рок од два месеца по престанокот на траењето на вонредната состојба – нагласи Шкријељ.
Таа најави дека системот на социјална заштита ќе продолжи да се прилагодува за доброто на сите граѓани, пред сè за најранливите.