Босна и Херцеговина
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ e против намерата на претседателот на партијата на хрватскиот ентитет ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Мостар да дојдат руски воени епидемиолошки воени експерти, кои би требало да ја дезинфицираат тамошната болница, оценувајќи дека таквата задача би можело да ја извршат и припадниците на вооружените сили на Федерацијата БиХ.
– Апсолутно сум против ваквите активности на територијата на БиХ – изјави Комшиќ за локалните медиуми, потсетувајќи дека војската на БиХ исто така во својот состав има единица за биолошко-хемиска заштита и, според него, е во состојба да му помогне на здравствениот сектор во спроведувањето на дезинфекцијата.
Претходно, во неделата, и претседателот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, изјави дека нема потреба руските војници да доаѓаат да вршат дезинфекции на болниците, бидејќи за тоа постоеле ресурси и во БиХ.
Доаѓањето на руски контингент од 25 војници и пет специјализирани возила Човиќ го побара велејќи дека тие треба да помогнат во дезинфекцијата на Универзитетската клиничка болница во Мостар, како што направија претходно во Бања Лука, каде што на почетокот од април дојдоа на повик на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. А претходно таквата руска акција во многу поголем обем беше изведена во северна Италија, на повик на Владата во Рим.