Десетина врвни американски научници и милијардери тврдат дека го имаат одговорот за пандемијата на коронавирус и оти најдоа начин да го претстават планот на Белата куќа, објавува „Волстрит џурнал“.
Групата е предводена од 33-годишниот Том Кејхил од Бостон, кој не е експониран во јавноста, но има доволно силни врски за да влијае врз американската власт во борбата против ковид-19.
Научниците и нивните поддржувачи ја опишуваат нивната работа како своевиден „проект Менхетн“, што се однесува на активностите на научниците кои помогнаа во изработка на атомската бомба во Втората светска војна. Сега, спојот на знаење и на пари им служи на научниците да ги истражуваат невообичаените идеи од целиот свет.
Тие се нарекуваат себеси „Научници за запирање на ковид-19“, а групата ја предводи Мајкл Росбаш, добитникот на Нобеловата награда во 2017 година. Групата функционира како врска помеѓу фармацевтските компании кои бараат начин да се поврзаат со клучните луѓе во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тие составија извештај од 17 страници кој упатува на повеќе невообичаени методи за борба против коронавирусот, во кои спаѓа и третманот со лекови што претходно беа користени против еболата. Членовите на групата истакнаа оти им е јасно дека голем дел од идеите нема да бидат искористени, односно оти би можеле да бидат игнорирани од администрацијата на Трамп. Тие изработија и план за справување со последиците од пандемијата. Групата е во контакт со претставници на американската власт, надевајќи се дека нејзиниот план ќе биде спроведен во дело.