Брокулата е чистач на организмот
Здраво, другари! Здраво, љубители на овошјето и зеленчукот. И вие сигурно знаете дека работата не е само да седнеш и да се најадеш, туку треба да знаеш да го приготвиш јадењето, па со мерак да си седнеш и да јадеш. Храната е и уживање, нели? Денеска низ песна ќе ви кажам за еден зелен зеленчук што го јаделе дури и Старите Римјани, кој денес не го сака баш секој, а некои дури и се муртат кога ќе го видат. Ама, има илјада и една причина да се јаде, затоа што содржи многу корисни состојки.
Станува збор за брокулата. Јас ја јадам обарена и како салата, а може да е и похувана. Особено ми е вкусна крем-супата од брокула. Како ја јадете вие?
Инаку, таа ги содржи витамините А, Ц и Е, а има и магнезиум, железо и калциум. Таа го чисти човечкиот организам од штетните материи и има улога во јакнењето на нашиот имунитет.
Таа е корисна за нашето срце и за очите, како и за намалување на стресот. А сте се запрашале ли како изгледа брокулата во бавчите и како расте. Taa e член на фамилијата зелкови култури. Нејзин брат е еден белоглав господин, но за него ќе зборуваме следниот вторник. Дотогаш, ако не сте пробале, пробајте брокула, па пишете како сте ја приготвиле и дали ви се допаднала.
На здравје!
Ваш, Филип Димкоски
Медитеранска кралица
Името ѝ дошло од зборот „броко“,
(на италијански гранка или рака),
корисен зеленчук си е брокулата,
иако не баш секој многу ја сака.
Брокулата е медитеранска кралица,
вкусна и темнозелена, многу лична,
погледни и откриј на кого ти личи,
на карфиолот зар не ти е слична?
Старите Римјани, во дамнешно време,
велат, од ништо не боледувале,
оти во земјата плодна брокули одгледувале.
И во нивната исхраната ги внесувале.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди,а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.