Меѓународниот воздушен превоз би можел да остане без 1,2 милијарда патници
Бројот на патници во меѓународниот воздушен превоз би можел до септември да се намали дури за 1,2 милијарда, процени агенцијата на Обединетите нации за воздушен превоз (ИЦАО), предвидувајќи најголем пад во Европа.
Меѓународните капацитети за воздушен превоз би можеле во првите три годинашни тримесечја да се намалат за две третини во однос на досегашните очекувања, кои не ја вклучуваа пандемијата, проценуваат во ИЦАО.
Оттаму напоменуваат дека оваа процена се базира на полошото сценарио, кое предвидува долготрајна рецесија и слабо закрепнување на ниво пониско од она пред корона-кризата, со први знаци за подобрување во третото тримесечје или подоцна.
Во поповолното сценарио, кое предвидува обична рецесија и брзо закрепнување, со први сигнали за закрепнување во втората половина на мај, понудата во меѓународниот воздушен превоз до крајот на септември би можела да се преполови.
Бројот на патници во меѓународниот воздушен превоз, според полошото сценарио, би се намалил во првите девет месеци оваа година за 1,2 милијарда во однос на досегашните предвидувања. Поповолното сценарио предвидува пад за 963 милиони.
Тоа за авиокомпаниите би значело помали приходи за 160 до 253 милијарди долари, во зависност од сценариото.
Најмногу ќе се намалат превозните капацитети и приходите на авиопревозниците во Европа, која би требало да предничи и по падот на бројот на патници, особено во летната сезона на патувања, порачуваат од ИЦАО. На второто место е азиско-пацифичкиот регион.
Богатството на американските милијардери порасна за 10 отсто за време на пандемијата
Богатството на американските милијардери, меѓу кои се основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и директорот на „Тесла“, Илон Маск, се зголемило за време на пандемијата на коронавирусот за речиси 10 отсто.
Имено, во периодот меѓу 1 јануари и 10 април богатството на 34 најбогати личности во САД порасна за десетина милиони долари, се наведува во извештајот на Институтот за политички студии (ИПС) во Вашингтон.
Според ИПС, богатството на осум од тие милијардери, меѓу кои се Безос, Маск и основачот на платформата за видеоконференции Зум, Ерик Јуан, порасна за милијарда долари.
– Ова е приказна за две пандемии, со многу нееднаква жртва – вели Чак Колинс, коавтор на извештајот.