Двајца или тројца граѓани, кои се вратиле од странство во државата со чартер-летовите што ги организира Министерството за надворешни работи, пројавиле симптоми, а по тестирањето, биле позитивни на коронавирусот, соопшти премиерот Оливер Спасовски. До средината на месецот во државата вратени се повеќе од 3.000 македонски државјани. Некои од нив сè уште се во државен карантин, кој е задолжителен за сите повратници.
– Имаше два повика за пријавување на граѓаните, т.е. за оние што беа заинтересирани да се вратат назад во државата. Во најдобар ред поминаа сите тие ангажмани што ги спроведе МНР. Ги вративме луѓето назад во државата. Имавме 14-дневна изолација во државен карантин, многу мал број случаи, два или три, пројавија симптоми и беа позитивни на коронавирусот. Нема нови најави за организација на чартер-летови – рече Спасовски.
Премиерот рече дека доколку се појават граѓани што имаат потреба од враќање назад во државата, Владата ќе го организира тоа како и досега со чартер-летовите.
– Голем број од нашите граѓани се во дијаспората и нашиот апел беше да останат таму за дополнително да не се загрозува нивното здравје, како и здравјето на другите граѓани. Доколку се појават одделни случаи, кои имаат потреба за враќање назад во својата држава, тоа го правиме на дневна основа преку Владата – додаде Спасовски.