Што ако следниот коронавирус биде создаден во лабораторија? Тоа е актуелната теорија на заговор која се шири низ светот, пишува „Форин полиси“. Од Иран до Русија заговорниците и итрите политички оперативци истакнуваат луди обвинувања без никакви докази за да ги потврдат, без разлика дали ги обвинуваат кинеските научници или американската војска. Сите моментни податоци сугерираат дека вирусот кој зарази повеќе од 2,5 милиони луѓе и усмрти над 177 илјади, а ја разори и светската економија, потекнува од природата. Што ако случајот биде поинаков со следниот вирус?
Бактериите убија повеќе луѓе отколку војните низ историјата и луѓето се обидуваа да ги искористат во нивна полза низ тие војни. Уште пред човештвото да знае за постоењето на микроби, се користеа отровни стрели и се катапултираа трупови од жртви на чумата. Додека научната револуција помогна во битките со овие страшни болести, таа помогна и за меѓусебното заразување уште од Првата светска војна, преку германските експерименти за зараза на стоката.
– Во помали размери видовме биотерористички напади во САД, а стравувањата дека Садам Хусеин има биолошко оружје беа една од причините за катастрофалната војна во Ирак. Една од многуте жртви во дебаклот беше јавната доверба во биоодбраната. По војната во Ирак, Американците од ирационална параноја преминаа кон ирационално негирање. Во годините пред пандемијата на коронавирусот беа забележливи распорувањето на американските здравствени институции, како и негирањето на науката од страна на движењето против вакцинацијата. Денес, САД го плаќаат негирањето со животи – пишува „Форин полиси“.
Предупредувањата беа јасни, опасноста беше реална. Колкава штета можеше да биде спречена, доколку најбогатата и најмоќна светска нација реагираше поинаку? Ако сегашната администрација бргу не го смени курсот, следната пандемија, без разлика дали ќе настане природно или како резултат на напад, ќе направи актуелната пандемија да изгледа како сезонски грип. Додека планетата се мачи да се справи со природната зараза, уште има залихи на биолошко оружје низ светот.
Извесно е дека не постои совршена одбрана од бактеријата на иднината. Како што гледаме, преку пандемијата на коронавирусот, без разлика дали е создаден со зла намера или случајно, невидливиот непријател може да се скрие во нашите редови, да се размножува тајно и да подметнува „бомби“ во нашите тела, без да знаеме што не снашло. Но, светот може да го спречи ова. А никој не треба да развива потполно нов систем на оружја за да го стори тоа. За разлика од другите облици на војна каде што новите пронајдоци бараат контрамерки за заштита, ние треба да го смениме начинот на размислување. И треба да го сфатиме јавното здравје како дел од националната безбедност – се заклучува во анализата на „Форин полиси“.