Патувањата за Велигден не се забранети, граѓаните на посакуваната дестинација треба да стигнат до петок во 16 часот.
Сите граѓани кои во пресрет на велигденските празници планираат да патуваат во други градови и места треба да внимаваат тоа да го направат пред да почне продолжениот полициски час в петок во 16 часот. Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека патувањата не се забранети.
– Ограничувањата за движење се од петок од 16 часот до вторник во 05 часот заради велигденските празници. Апелирам граѓаните сите обврски да ги организираат до петок. Навремено да стигнат на посакуваната дестинација. МВР ќе преземе мерки за непречено одвивање на сообраќајот до почетокот на полицискиот час – рече министерот Чулев.
Охриѓани и беровци веќе неколку дена апелираат Владата да ги затвори градовите за посетители од други градови за време на велигденските празници поради опасноста од ширење на коронавирусот.
Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести рече дека не е хумано на ваков начин да се затвораат градовите и посочи дека каде и да се граѓаните треба да го почитуваат полицискиот час.