Балкански писатели за деца во „Колибри“: Сафета Осмичиќ, Босна и Херцеговина

Денеска, драги наши читатели, ви претставуваме уште една авторка од нашата рубрика „Балканските писатели за деца во Колибри“. Тоа е Сафета Осмичиќ, авторка од Босна и Херцеговина. Таа постојано патува, претежно на настани поврзани со презентирање и афирмација на книгите, а кога е дома се дружи со своите внучиња и прави креативни работилници со нив. Вели дека има и време за пишување, всушност, таа го прави тоа постојано, поточно во секој миг кога ќе ја улови инспирацијата.
Сафета Осмичиќ и родена во Градачац, Босна и Херцеговина, во 1955 година, но најголемиот дел од својот живот го поминала во Модрич, каде што се школувала и работела. Живеела во Хрватска и во Германија, а сега живее во Холандија. Иако талентот ѝ е откриен од раната детска возраст, сепак, првите книги ги објавува во своите зрели години. Пишува и објавува на својот мајчин јазик, а застапена е и во збирки на холандски јазик. Делата ѝ се преведувани на холандски, македонски, словенечки, полски, бугарски, српски јазик.

Напишала десетина книги за деца и за возрасни, меѓу кои се: „Меѓу нас“, „Слоницата Мица оди да си купи фармерки“, „Медениот Медо и неговите пријатели“, „Мелек рабија“, „Зрели години“, „Соба за самци во големиот град“, „Ожени се со мене“ и др. Како авторка е застапена во голем број поетски зборници низ балканските држави и во Холандија. Добитничка е на повеќе награди и признанија, а членка е на неколку уметнички и литературни здруженија во Србија, Хрватска и во Полска.
Интересно е дека поетесата Сафета за Македонија ја врзуваат многу убави спомени. Вели дека многу ја сака нашата држава, па се надеваме дека наскоро ќе ни дојде во посета и ќе ги израдува македонските читатели. Пред младите читатели ја претставуваме со „Песната за деца“. Уживајте! 


ПЕСНАТА ЗА ДЕЦА…

За песната за деца мора да има доволно место,
мора да е јасно, да има простор, да не ѝ е тесно.

Да биде треба висока, од неа синило да се точи
како нечии, бистри, детски, мили, сјајни очи.

По неа треба да летаат разно-разни птици
славејчиња, косови, грлици и ластовици.

Широка треба да биде, раскрилена на сите страни
целата убавина на светот треба во неа да застане.

Мора уште да има и големи длабочини, темносини
во неа да пливаат риби, корали и делфини.

Во неа секако се и баба, дедо, мама, тато
помалата сестричка и поголемиот бато.

Мора во неа да бидат и зајачињата и пилињата
за во неа среќа да најдат дечињата.

Сафета Осмичиќ