Телевизијата Канал 5 денеска објави соопштение во врска со случајот со главниот и одговорен уредник во телевизијата, Гоце Михајлоски, кој е заразен со коронавирус, поради што се во самоизолација лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, со кои што неодамна имаше интервјуа.
Од телевизијата му посакуваат да закрепне што е можно побрзо.
– Ниту тој сакал да биде заразен со ковид-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица – се вели во сооштението.
„Свесни сме за тежината на актуелната ситуација, поврзана со светската пандемија на коронавирусот, која зема замав и, за жал, исклучок не беше и еден наш колега, Гоце Михајлоски. Како професионална и одговорна компанија, која сигурно ќе го надмине и овој сериозен предизвик, потенцираме дека и ние самите сме изненадени од ваквиот развој на настаните, поради фактот што првиот тест што го изврши колегата Михајлоски беше негативен.
Сакаме да ја информираме јавноста за следново: Викендот на 28 и 29 март колегата Михајлоски бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде во понеделникот, на 30 март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми.
Потенцираме дека подолг период веќе имаме воспоставено високи стандарди на заштита и контрола на нашите вработени, во смисла: задолжително мерење телесна температура при влез во компанијата, обезбедивме дезинфекциони пунктови на пет локации, на секој кат, дополнително и во информативната редакција, задолжително работниот процес се извршува со помош на заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите се обезбедени и пластични визири за дополнитена заштита. Во четвртокот и во петокот, во емисијата „Само интервју“, гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, последователно, при што беа запазени сите протоколи.
Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во недела, 5 април, кои биле во форма на изнемоштеност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17 часот го напуштил работното место. Од понеделник, 6 април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, нема доволно симптоми за да биде упатен на тестирање.
На 7 април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на коронавирусот. Во четвртокот, на 9 април, колегата Михајловски заминува во Воена болница, каде е примен, а утринава нè информираше дека сепак е позитивен на ковид-19.
Во насока на следење на препораките за заштита при работа од коронавирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават. Нашата компанија во соработка со Министерството за здравство ќе ги преземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба и благовремено ќе ја известува јавноста за сите новонастанати моменти, се вели во соопштението.