И раководството на „Комунална хигиена“ ќе подига отпад
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираат дека во пресрет на последните случувања и новонастанатата ситуација поврзана со пандемијата на вирусот ковид-19, нивните екипи спроведуваат низа вонредни акции со намера хигиената и чистотата на јавните површини да се подигнат на највисоко можно ниво. Информираат дека обемот на активностите е двојно зголемен, а подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад од над 5.500 контејнери поставени на територијата на градот Скопје продолжува да се одвива секој ден во неделата. Од претпријатието информираат дека раководството одлучило да се солидаризира со работниците на терен и да им помогне во подигнувањето и транспортот на приближно 500 тони комунален отпад, што секојдневно се собира од контејнерите и кантите во градот.
– Ова се нашите херои, работниците што и во време на пандемија секој ден го собираат комуналниот отпад во градот Скопје. Би сакале да ја информираме јавноста дека во согласност со воведените мерки, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје работи само првата смена, но ги вложуваме сите напори да се одржи континуитетот во подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад, односно сите надземни и подземни контејнери да бидат испразнети еднаш во текот на денот. Додека траат посебните мерки, принудени сме да ја редуцираме динамиката на собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад од над 84.000 канти во индивидуалните домаќинства што во претстојниот период ќе се одвива еднаш во неделата и апелираме граѓаните да имаат разбирање за овие одлуки – вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
Од претпријатието напоменуваат дека секојдневно спроведуваат машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на поголемите булевари и улици во сите скопски општини, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје, како и на плоштадот „Македонија“, Камени мост, мостот „Гоце Делчев“, улицата Македонија, плоштадот „Филип Втори“ и Старата скопска чаршија. Постојано се дезинфицираат и сите постојни садови за собирање на отпадот поставени на територијата на градот, како подземни и надземни контејнери, вклучувајќи со нивните микролокации. Континуирано се расчистува и подигнува и отпадот од диви депонии, при што во изминативе три недели претпријатието расчистило над 500 кубни метри отпад од триесетина локации во сите скопски општини.