Низа трагични настани ја запечатиле нивната судбина, како некој навистина да фрлил злобно проклетство врз нив. На овие луѓе ниту богатството, ниту моќта, ниту славата не им помогнале во животот. Се смета дека проклетството на фамилијата Кенеди во изминативе 50 години, кога загинаа барем десетмина члена, е судбина од која не можат да избегаат

Смртта на уште два члена на семејството Кенеди го продолжи проклетството

Трагичната судбина на уште еден член на големото американско семејство Кенеди, повторно го сврте вниманието на светската јавност, а со тоа дополнително се продолжува верувањето за проклетството што наводно го следи семејството, на можеби највлијателниот и најпочитуван американски претседател од минатиот век, Џон Кенеди.
Низа трагични настани ја запечатиле нивната судбина, како некој навистина да фрлил злобно проклетство врз нив. На овие луѓе ниту богатството, ниту моќта, ниту славата не им помогнале во животот. Се смета дека проклетството на фамилијата Кенеди во изминативе 50 години, кога загинаа барем десетмина члена, е судбина од која не можат да избегаат.
Голем број светски аналитичари, теоретичари на заговор, новинари, белетристи пишувале со години за чудната судбина на Кенедиеви. Постојат разни приказни, но во многу од нив има и фактички ситуации.

Политиката, моќта, богатството, но според некои и религијата, се можеби испреплетени фактори за нивната трагична судбина. Иако малку се споменува, сепак фактите зборуваат дека Џон Кенеди е единствениот римокатолички верник што станал американски претседател. САД се доминантно протестантски христијани и речиси 90 отсто од претседателите на САД биле протестанти, мал дел неопределени верски, а сосема мал дел атеисти. Но Џон Кенеди е единствениот претседател римокатолик. За некои теоретичари на заговори тука е и основата на нивното „проклетство“, но ако се погледне историјата на семејството, тогаш ќе се види дека трагичната судбина на Кенедиеви не почнува со првиот и единствен претседател од тоа семејство.

Кенедиеви и денес на насловните страници

Телото на четириесетгодишната Мејв Кенеди Таунсенд Мекин, внука на починатиот Роберт Ф. Кенеди беше пронајдено пред пет дена, по потрага од повеќе од 26 часа, на длабочина од осум метри, околу четири километри јужно од куќата на нејзината мајка во Шејди Сајд во Мериленд, откако заедно со нејзиниот осумгодишен син отпловила со кану во заливот Чесапик во Мериленд.
Потрагата по нејзиниот син продолжува. Оваа вест е последна во трагедијата на Кенедиеви. Мејв е ќерка на постарата ќерка на братот на Џон Кенеди – Роберт, министер за правда на САД – убиен во 1968 година, пет години по убиството на неговиот брат Џон Кенеди.
Мејв Кенеди Таунсенд Мекин ја советувала администрацијата на поранешниот претседател на САД Барак Обама, за глобалната програма за сида и волонтирала за мировни сили во Мозамбик.

Нејзината мајка, Кетлин Кенеди Таусенд, пак, истакнала дека нејзината ќерка го посветила својот живот на помагање на најранливите во општеството.
Трагичната низа трагедии на семејството Кенеди минатата година во август ја продолжила 22-годишната внука на Роберт Ф. Кенеди, Сауерсе Кенеди Хил, која била пронајдена мртва во семејната куќа во Кејп Код, поради „случајно предозирање“. Токсиколошкиот тест покажал дека Саирс користела метадон, етанол и повеќе видови лекови што се добиваат на рецепт.
Таа е ќерка на Кортни Кенеди Хил, една од 11-те деца на починатиот претседателски кандидат, како и внука на активистката за животна средина и човекови права Етел Кенеди. Саирс зборувала за својата борба со проблемите поврзани со менталното здравје.
Според американските медиуми, нејзината смрт е уште една во низата трагедии што ја опфаќаат една од најголемите американски политички династии со векови.

Атентатот врз Кенеди сѐ уште крие мистерии

Уште од убиството на Џон Ф. Кенеди, постои теза дека некој го проколнал семејството Кенеди. Атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди на 22 ноември 1963 година во Далас, стана една од најпознатите слики на 20 век.
Нема кој не се сеќава на сцената во која Џеки Кенеди, целата во шок, седи натопена со крв во својот карактеристичен за неа розов комплет, додека на задното седиште од автомобилот облиен со крв лежи американскиот претседател.
Тој ден Кенеди го посетил Далас како дел од изборната кампања во 1964 година. Со него во автомобилот биле неговата сопруга Џеки, гувернерот на Тексас, Џон Конали, кој за време на атентатот исто така бил ранет, неговата сопруга Нели и двајца агенти на тајната служба.

Поранешниот маринец Ли Харви Освалд тогаш се наоѓал во продавницата за училишни книги во Тексас. Околу пладне, половина час пред да биде испукан првиот куршум, Освалд бил виден на шестиот кат. Веднаш по атентатот, описот на осомничениот се пренесувал на радио. Неколку блока подалеку, и полицаец го видел Освалд. Во моментот кога го повикал, Освалд извадил пиштол и со четири куршуми го убил полицаецот. Се скрил во блиското кино, но не го платил билетот, па директорот на киното ја повикал полицијата. Бил уапсен за повеќе од еден час по убиството. Се изјаснил за невин, но никогаш немал можност да се брани на суд. Два дена по атентатот, полицајците го носеле Освалд низ подрумот на полициската станица за да го пренесат во затворот.

Подрумот бил преполн со новинари, вклучувајќи и ТВ-екипи, кои директно го емитувале настанот. И додека Освалд, придружуван од полицијата, поминувал низ подрумот, Џек Руби, сопственик на локален ноќен клуб, одеднаш испукал куршум од пиштол и Освалд бил погоден во стомакот. Во 13 часот и седум минути Освалд беше прогласен за мртов.

Убиен уште еден Кенеди на чекор пред Белата куќа

Пет години по убиството на Џон Кенеди, неговиот помлад брат Роберт, тогашен сенатор, започнал кампања за номинација за претседателска трка, како кандидат на Демократската партија.
И покрај подоцнежното влегување во трката, Кенеди брзо го презел водството и добил голема поддршка од партиските членови. Денот кога тој бил потврден како кандидат на демократите во Белата куќа, бил убиен во Лос Анџелес.
Малку семејства биле предмет на толку големо воодушевување од народот, како Кенедиеви, а истовремено ги треселе многу скандали и теории на заговор.

Проклетството влече корени

Џозеф Кенеди и неговата сопруга Роуз имале девет деца, а четири од нив трагично настрадале. Со години пред да бидат убиени Џон и Роберт, животот го изгубил нивниот најстар син, Џозеф Кенеди Јуниор, за кој семејството имало политички надежи и верувало дека токму тој ќе стане претседател на Америка. Тој план бил прекинат во 1944 година, кога загинал како пилот во Втората светска војна. Имал 29 години, а семејство никогаш не го добило неговото тело.

Четири години подоцна, во авионска несреќа, загинала и сестрата на поранешниот американски претседател Кетлин. И таа имала 29 години, кога се срушил авионот со кој патувала од Париз кон Азурниот Брег. Другата сестра, Розмари, пак, со години страдала од психичко нарушување и бела подложена на лоботомија по предлог од докторите и со согласност на нејзиниот татко во 1941 година. Операцијата целосно ја онеспособила тогаш 24-годишната Розмари. Починала во 2005 година, откако повеќе од 40 години поминала во психијатриска установа. Седум години пред убиството на Џон Фицџералд Кенеди, неговата сопруга Џеки Кенеди родила мртво девојче. Во 1963 година, два дена по раѓањето, нивниот син Патрик починал поради проблеми со белите дробови.

Животот трагично го загубиле и синовите на Роберт Кенеди. Дејвид Кенеди, кој никогаш не се закрепнал од смртта на неговиот татко, починал во 1984 година од предозирање со кокаин, додека вториот син на Роберт, Мичел, на 39 години загинал во 1987 година на скијање во Аспен.
Пилотирањето со мал авион завршило кобно за единствениот син на поранешниот претседател, 38-годишниот Џон Ф. Кенеди Јуниор, во јули 1999 година. Со него во авионот биле неговата сопруга и нејзината сестра. Никој од нив не ја преживеал несреќата.
Во 2012 година, втората сопруга на Роберт, Мери Ричардсон Кенеди, се самоубила со бесење.


Теории за прогонувана династија и заговор

Постои теорија дека целото семејство Кенеди е проколнато, а постојат и неколку теории за тоа како настанало проклетството.
Едвард Клин во 2001 година во книгата „Проклетството на Кенедиеви“, го поставил прашањето зошто некој од тоа семејство секогаш морал да плати највисока цена.
Според една, проклетството го фрлил еден рабин на таткото на поранешниот американски претседател, Џозеф (Џо) Кенеди, кој наводно бил бескрупулозен човек и антисемитист. Друга, пак, проклетството му го припишува на Томас Фицџералд, дедото на Џон Фицџералд Кенеди, кој ги „вознемирил духовите“ во Ирска.

Оние што не веруваат во ваквите проклетства сметаат дека тие се измислени за постојано да се држат тензии врз семејството што ѝ дало еден претседател на Америка, двајца претседателски кандидати и тројца сенатори.
Колку сѐ уште се почитува нивното мислење, се видело и за време на предизборната кампања, кога згрозено од настапите на новоизбраниот претседател, семејството Кенеди му испратило отворено писмо на Доналд Трамп.

[email protected]