Нема никаков ризик да си купите весник од киоск ако притоа ја почитувате препораката за држење одредена дистанца со некој што е околу вас. Тоа е многу побезбедно ако се спореди со пазарењето во затворен простор. На отворен простор не се носи ниту маска ако си здрав. Луѓето на отворено можат комотно и безбедно да купуваат сѐ додека држат дистанца, велат докторите
ДОКТОРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА Е ПОДОБРО ДА СЕ КУПУВА НА ОТВОРЕНО
Вирусот ковид-19 во многу земји низ светот затвори стотици ресторани, барови, кафулиња, бутици. Но затоа непречено продолжија да работат продавниците и објектите за храна, маркетите, како и киосците. Тие се наоѓаат на отворено и се побезбедни за купување. Ова го потврдуваат и наши доктори.
Д-р Весна Стојанова Анастасовска, докторка по семејна медицина, но и спец. педијатарка што лекува и деца и возрасни и која има голема фреквенција на пациенти во својата ординација, вели дека е сосема безбедно да се пазари на отворено.
– Нема никаков ризик ако си купите весник од киоск ако ја почитувате препораката за држење одредена дистанца со некој што е околу вас. Тоа е многу побезбедно ако се спореди со купувањето во затворен простор, каде што ризикот некој заразен да ви се закашла или кивне е многу поголем, затоа што има и повеќе луѓе. На отворен простор не се носи ниту маска ако си здрав. Луѓето на отворено можат слободно да купуваат сѐ додека држат дистанца. Носењето гумени ракавици е апсолутна грешка. Тие може да направат уште поголем проблем отколку што помагаат, може да пренесат многу бактерии и вируси, така што луѓето не треба да ги носат – смета д-р Стојанова Анастасовска.
Таа смета дека луѓето грешат кога ги премиваат со сода бикарбона или со сјај за миење садови или, пак, ги бришат со алкохол овошјето и зеленчукот што го купиле од маркет.
– Луѓето треба да знаат дека овој вирус се пренесува исклучиво при директен контакт со заболено лице. Ниеден вирус не опстојува на собна температура, меѓу другото и на киоск. Тој угинува. Ако со рацете си допрел место на кое е вирусот и ако не ги ставиш во уста следните три-четири минути, не можеш да се заразиш – тврди докторката.
Според неа, овој вирус кај нас циркулира од февруари.
– Јас тогаш во ординација имав од 100 до 150 деца во еден ден. Овој вирус, кој тогаш, ете, не знаевме дека е ковид-19, децата го поминаа со типични симптоми – со сува интензивна кашлица, температура што не се спушташе со денови. Вирусот кај нас си постоеше од февруари, со тоа што сите деца беа излечени, бидејќи генерално тие поминуваат полесно од возрасните. Од цел месец, само две деца ми завршија во Козле со пневмонија, кои потоа беа излечени.
Тој вирус од децата се пренесе на возрасните. Во секој случај, сите треба да ги слушаме препораките за седење дома, да го зголемиме внесот на витамини и минерали, а витамин Д да се зема задолжително. Многу од автоимуните болести и малигни заболувања доаѓаат од недостиг на Д витамин, тоа е научно докажано. Да се зема редовно цинк, магнезиум, независно дали преку храната или како суплемент – советува докторката.
Д-р Светлана Младеновиќ Јанковиќ, раководителка на Центарот за промоција на здравјето во Градскиот завод за јавно здравје во Белград, е согласна дека е добро да се врши набавка на отворено. Таа, како што објави „Недељник“, дава совети како да се штитат луѓето кога пазарат.
– Ако се чека во ред пред објектот или во самата просторија, треба да се внимава на растојанието меѓу вас и личноста околу вас да биде 1-2 метри. Набавката на продукти пожелно е да ја правите во што пократок временски период, а за да се избегне предолго задржување во затворен простор, пожелно е и од корист е да имате претходно подготвен список. За да избегнете контаминација, потребно е да не ги преместувате производите, па да ги враќате пак на полица – вели д-р Младеновиќ Јанковиќ.
Исто така, додава таа, пожелно е да се користи гелот за дезинфекција на рацете пред и непосредно по пазарењето, бидејќи тоа придонесува за помал ризик од потенцијална инфекција.
– Треба да избегнувате да се допирате на лицето во текот на набавката за да не се случи да си ги пренесете вирусите што можеби се на полиците – додава докторката.