Владата денеска ја почна серијата информативни видеосесии со наслов „Ковид-19, прашања и одговори“, во чии рамки се одговараат актуелните прашања поврзани со актуелната состојба со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.
На денешната информативна сесија беше отворено и прашањето каква е постапката доколку граѓаните поради неодложни моментни здравствени проблеми имаат потреба од лекар.
– Го имавме предвид ова бидејќи во животот се случуваат и непредвидени работи, граѓаните немаат потреба да вртат на броевите 192 или да бараат дополнителна дозвола, туку тие треба да се упатат до најблиската болница и доколку бидат сопрени од теренските контроли, доволно е да ја кажат точната локација на здравствената установа во која се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација – објасни заменик-министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, која нагласи дека злоупотребата ќе биде санкционирана.
На денешната информативна видеосесија беше потенцирано дека сите угостителски објекти и ресторани што испорачуваат храна ќе може да работат за време на дополнителната забрана користејќи ги истите дозволи што ги издаваат самите одговорни лица во компанијата. Инспекциски надзор за тоа дали трговските објекти ги почитуваат цените прави Пазарниот инспекторат, кој секојдневно е на терен во сите трговски објекти, а сите злоупотреби може да се пријават на бесплатната линија 191.
На денешната информативна сесија беше отворено прашањето и за работата на градежните фирми и големи корпорациски системи, односно дека и тие може да работат непречено, со препорака самите да го организираат производниот процес почитувајќи ги сите препораки на Владата, односно Министерството за здравство, како што е лимитирањето на бројот на работниците, да се одржува растојание од 1,5 до 2 метра, да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена и дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните од овластена служба за тоа, со цел намалување на опасноста од инфицирање со вирусот.
Во врска со организирањето такси-превоз беше кажано дека постојат дежурни возила, кои може да ги превезуваат граѓаните од нивниот дом до здравствена установа и за оние што имаат дозволи за движење.
За превозот на вработените во здравствените установи, во соработка со Град Скопје, организиран е превоз со возила на ЈСП и друг вид возила, кои ќе возат по точна одредена рута за која ќе бидат информирани здравствените работници.
Во врска со извршувањето работни задачи на терен, заменик-министерката Петровска вели дека постои ограничување и во еден автомобил не смеат да се возат повеќе од тројца и во оваа бројка се смета и возачот и дека, освен заштитната опрема, потребна е и соодветна дозвола што ја издаваат работодавците за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место.
Од денеска на ниво на целата територија на државата забрането е движење секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 до 5 часот наредниот ден. За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок од 16 до 5 часот в понеделник на целата територија на државата.
Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот. За младите лица до 18 години, се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.