Магнус Карлсен

Имаме не само можност туку и одговорност пред играчите и навивачите низ светот, кога нема други конкурентни натпреварувања, да овозможиме да се спортува, вели Карлсен за турнирот на кој ќе настапат уште седуммина врвни шахисти, за вкупен награден фонд од 250.000 долари (од 18 април до 2 мај)

Шах

Седум врвни шахисти ќе му се приклучат на актуелниот светски првак, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен на шаховскиот турнир, кој ќе се игра преку интернет, вреден 250.000 долари, објави британскиот дневен весник „Гардијан“. Интернет-шахот поради актуелната состојба со коронавирусот, кога речиси сите спортови мируваат, добива сѐ поголема популарност, а токму таква му е и целта на Карлaсен.

– Шахот е единствен во светот на спортот, оти потезите се исти, без разлика дали се играат на дрвена табла или на компјутерски екран. Имајќи предвид дека е можно да се продолжи со врвната професионална игра во интернет-опкружување, ова е историски момент за шахот, а ние, пак, имаме не само можност туку и одговорност пред играчите и навивачите низ светот, кога нема други конкурентни натпреварувања, да овозможиме да се спортува – вели Карлсен.

На Карлсен, кој е на врвот на светскиот шах речиси една деценија, ќе му се приклучат уште седуммина врвни шахисти, а на турнирот, кој ќе трае две недели (18 април-2 мај), победникот ќе заработи 70.000 долари. На турнирот во групната фаза, секој играч ќе се соочи меѓусебно во мини-дуел од по четири партии. Најдобрите четворица потоа ќе продолжат во нокаут-фазата. Секој шахист ќе има по 15 минути за секоја партија, со дополнителни 10 секунди за секој одигран потег, а париите ќе можат да се следат на интернет-страницата (на девет јазици) „chess24.com“, која е во сопственост на Карлсен.

Засега е најавено дека ќе настапат третиот и четвртиот на светската рејтинг-листа, Кинезот Динг Лирен и Французинот Максим Вашер-Лаграв, а голема е веројатноста да учествува и Американецот Фабијано Каруана, кој токму против Карлсен загуби во борбата за светската круна во стандарден шах во 2018 година во Лондон.
Најавено е дека за турнирот ќе бидат преземени сите мерки за шахистите да не добиваат некаква помош од страна (ќе има камери што ќе ги снимаат играчите да не гледаат во моќни шаховски машини), а ќе се користи и софтвер против мамење.