Џани Инфантино

Светот се соочува со нови предизвици и мора да останеме заедно и да работиме како тим. Фудбалот не е најважната работа, здравјето доаѓа во прв план, вели Инфантино

ЏАНИ ИНФАНТИНО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИФА

Мора да гледаме напред и не можеме да останеме пасивни, бидејќи коронавирусот ќе влијае врз нас. Нашиот свет и нашиот спорт ќе бидат поинакви откако ќе се вратиме во нормала. Наша одговорност е како фудбалски администратори, пред сѐ, да обезбедиме фудбалот да преживее и второ, да продолжиме уште еднаш. Ова не е само наша одговорност, туку и наша обврска, рече претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино, во обраќањето од Швајцарија преку видеоврска пред конгресот на јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).

– Фудбалот не е најважната работа, здравјето доаѓа во прв план и треба да остане наш приоритет додека оваа болест не биде поразена. Сите би сакале утре повторно да гледаме фудбал, но не знаеме кога ќе можеме да продолжиме со игра и никој во светот не знае кога ќе можеме да играме како порано.

Светот се соочува со нови предизвици и мора да останеме заедно и да работиме како тим. Ова е лекцијата што може да ја даде фудбалот: да се работи како тим. Многу е важно фудбалот да ги следи упатствата на здравствените власти и на владите и многу е важно фудбалот да даде добар пример, затоа што е јасно дека ниту еден натпревар не е поважен од животот на човекот. Ова треба јасно да го имаме во умот, а во исто време да размислуваме позитивно за иднината – рече, меѓу другото, Инфантино, а пренесе ФИФА на својата интернет-страница.

Инфантино рече дека ФИФА дејствувала веднаш, со одложување на натпреварите и со поддршка на Светската здравствена организација, а претседателот на ФИФА вели и дека во моментов се водат обемни консултации за фудбалот да се подготви за клучните предизвици што претстојат.