Во Психијатриската болница во Демир Хисар, доктор психијатар кој работел во болницата е позитивен на коронавирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека докторот немал симптоми, но имал семејна анамнеза.
– Со оглед на тоа што бил во контакт со колегите во болницата, направени се епидемиолошки анкети и преземени се мерки, препорака за самоизолација на психијатрите во болницата. Заедно со психијатрите од Скопје ја организиравме работата на болницата во Демир Хисар. Колегите психијатри од другите институции од Битола и Прилеп до завршувањето на самоизолацијата ќе бидат прераспределени во Демир Хисар, а по потреба ќе бидат вклучени психијатри и од други градови – рече Филипче.
Сите пациенти на кои ќе им биде индициран хоспитален третман ќе бидат распределени во Битола, Охрид и Прилеп, а итните случаеви ќе бидат донесени на Инфективната клиника во Скопје.
Филипче информираше и дека ќе се затвори Центарот за ментално здравје во Прилеп кој го управува Психијатриската болница во Демир Хисар.
Филипче информираше дека во моментов на Клиниката за инфективни болести има 64 пациенти. Во последниве 24 часа примени се шест нови, од кои осум се со потешка клиничка слика.
Од денеска, во функција е и веб-страната koronavirus.gov.mk, каде што граѓаните ќе имаат можност да прочитаат корисни и најнови информации за коронавирусот.
Министерот за здравство уште еднаш повтори дека пикот на коронавирусот во земјава се очекува кон крајот на месецот.