Банките, за разлика од финансиската криза во 2008 година, овој пат не се погодени од ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, така што, според експертите, токму тие би требало, со директна помош на компаниите, сега да ја повлечат економијата, а со тоа и целото општество, нагоре
Запирањето на одредени економски активности, како и забраните за движење и групирање на граѓаните, значително им наштети на угостителството, туризмот, транспортот… Но негативните ефекти веќе се чувствуваат и во другите економски сектори. Голем број компании најавија затворање или користење одмор за сите вработени додека трае вонредната состојба, некои затвораат поради недостиг од репроматеријали или од други причини. Ваквата состојба неминовно бара да се наоѓаат решенија што ќе ја одржат економијата во живот, а во таа насока се и преземените мерки за одложено плаќање на кредитите, мерка што ја заговараат надлежните заедно со комерцијалните банки. Добро навестување е тоа што по иницијатива од Владата, која побараа исплатата на мартовските пензии да започне од 28 март, деновиве банките започнаa со предвремена исплата на пензиите.
Универзитетскиот професор Трајко Славевски посочува дека во оваа ситуација треба да се искористат максимално ресурсите со кои располага земјата, почнувајќи од човечкиот капитал, но и материјалните и кадровските ресурси, за полесно да ја пребродиме кризата.
– Да се потсетиме дека кризата од 2008 година, која траеше 4-5 години, започна во финансискиот сектор, се прелеа во реалниот сектор. Сега е битно да се знае дека немаме финансиска криза. Финансискиот сектор функционира и тој треба да му биде поддршка на реалниот сектор. Но тоа не значи дека треба да се дозволи да се прелее кај финансиските институции и Владата не смее да го дозволи тоа. Но бидејќи сме свесни дека обврските си течат, а имаме сектори што престанаа со работа, им течат обврски, кредити, кирии. Јас ќе кажам метафора, која не треба да се сфати буквално, но мислам дека треба времето да го застанеме на 17 март 2020 година, кога претседателот прогласи вонредна состојба.
Тоа значи дека секаде каде што ќе се процени дека е критично, треба да престанат да течат обврските. Секако, обврските ќе останат за компанијата, но да не се пресметува камата, казнена камата итн., сѐ до нормализацијата на состојбата, и тогаш со поддршка од Владата ќе дојдеме во состојба да ги лекуваме последиците – истакнува Славевски.
Сепак, професорот истакнува дека ова нема да биде ниту едноставно, ниту лесно, бидејќи има опасност обврските да се префрлат во банкарскиот сектор, и додава дека не ни треба финансиска криза.
– Драматично може да се зголеми процентот на лоши заеми. Тука повторно може да помага државата како што правеа владите во 2008 година, кога крахираа банки. На нив се префрлаа обврските да ги докапитализираат со буџетски средства банките. Тој круг мора да се затвори – истакна Славевски.
Од Македонската банкарска асоцијација (МБА) посочуваат дека нивните членки, банките и штедилниците се подготвени да им излезат во пресрет на сите барања на кредитокорисниците, како на граѓаните, така и на компаниите, кои се соочуваат или може да се соочат со проблеми при отплата на кредитите.
– Мерките на Народната банка даваат олеснувања и стимул за побрзо и поефикасно постапување по барањата на корисници на кредити што имаат потреба за привремена промена на условите за плаќање на кредитните обврски спрема банките и штедилниците. Се дава можност, на брз и ефикасен начин, да им се излезе во пресрет на оние на кои тоа им е потребно во моментов и во месеците пред нас. Сите сме дел од ова општество и од оваа економија и затоа е потребно, со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија и на најдобар можен начин, да се соочиме со проблемите, а кога ќе помине оваа криза, да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина – истакнуваат од МБА.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска појасни дека со регулаторните измени донесени од Народната банка, банките и штедилниците можат на повеќе начини да го олеснат финансискиот товар на граѓаните и на фирмите погодени од кризата.
– Одложување, пролонгирање на исплатата, пониски камати, нови поповолни кредити за рефинансирање на постојните, се само дел од можностите. Промените се однесуваат на сите типови кредити, како и на кредитните картички и на дозволените пречекорувања. Овозможивме навремена промена на кредитните услови за кредитите да не станат нефункционални. Банките и штедилниците учествува во процесот и ги поддржаа регулаторните измени – посочи гувернерката.
Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека се преговара за промени на регулативата, со што ќе се одложи плаќањето на ратите на кредитите.
– Граѓаните и компаниите ќе добијат понуда или известување од банките за одложување на обврските, по што ќе треба да се изјаснат дали се согласуваат со нив или не. Доколку не се изјаснат за десет дена, ќе се смета дека ја прифаќаат понудата за одложување на ратите. Наше е да креираме можност без да одат граѓаните во банки да добијат одложување на обврските и тоа ќе биде направено – рече Ангеловска.