Автор: Џоел Ахенбах
Вашингтон пост
Коронавирусот не мутира брзо затоа што циркулира меѓу луѓето, според научниците кои детално го испитуваат генетскиот код на новиот патоген. Ваквата релативна стабилност укажува дека вирусот нема да стане поопасен со ширењето, што претставува охрабрувачка вест за истражувачите кои се надеваат да создадат трајна вакцина.
Сите вируси еволуираат со тек на време и дури мутираат кога несовршено се реплицираат во клетките на домаќинот во огромен број, а потоа се шират кај населението токму со дел од тие мутации кои опстојуваат преку природната селекција. Новиот коронавирус поседува еден вид на капацитет за совршено реплицирање, со што се намалуваат шансите за појава на мутација. Структурата е иста секаде каде што се појави, како што велат научниците, и воедно не постојат докази дека некои типови се посмртоносни од другите.
САРС-ков-2, вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, е сличен на коронавирусите кои природно живеат во лилјаците. Тој лани се пренесе кај човекот во Вухан, Кина, веројатно преку посредни животински видови, како панголинот кој е загрозен мравојад чии крлушки се тргуваат за употреба во традиционалната медицина.
Научниците сега проучуваат над 1.000 различни примероци на вирусот, како што порача за „Вашингтон пост“ Питер Тилен, молекуларен генетичар од лабораторијата за применета физика на универзитетот Џонс Хопкинс, кој го проучува вирусот. Тој вели дека постојат само околу четири до десет генетички разлики меѓу типовите кои ги заразија луѓето во САД и оригиналниот вирус што се ширеше во Вухан.
– Постои релативно мал број на мутации што се пренесуваат преку голем број на луѓе. Во овој момент, мутациската стапка на вирусот покажува дека ќе се развие само една трајна вакцина против САРС-ков-2 наместо секоја година да се произведува нова како во случајот на вакцината против сезонскиот грип. Очекувам вакцината против коронавирусот да има сличен профил како оние против мали и големи сипаници – вели Тилен и додава дека добрата вест е што вака ќе се стекне траен имунитет.
Неколку вакцини против ковид-19 веќе се во развој, но експертите проценуваат дека потребни ќе бидат најмалку 12 до 18 месеци за вакцината да влезе во производство. Двајца други вирусолози, Стенли Перлман од универзитетот во Ајова и Бенџамин Њуман од универзитетот „Тексас еј-енд-ем“ во Тексакарна, беа дел од меѓународниот комитет што го именуваше коронавирусот и изјавија дека вирусот е релативно стабилен.
– Вирусот не мутираше во значителна мера – изјави Перлман.
– Се работи само за еден „прилично лош“ тип за сите. Ако се задржи една година, тогаш може да имаме некаков диверзитет – порача Њуман.
Њуман го спореди коронавирусот со грип кој е познат по тоа што е многу деликатен.
– Кај грипот постои еден скриен трик кој го нема кај коронавирусот, а тоа е дека геномот на вирусот на грип е поделен во неколку сегменти од кои секој носи свој ген. Кога два вируси на грип се во иста клетка, тие можат да разменат сегменти и веднаш да создадат нова комбинација. Токму на овој начин настана свинскиот грип Х1Н1 – вели тој.
Постои можност мала мутација во вирусот да предизвика поголемо влијание врз клиничкиот исход од ковид-19, велат експертите. Досега ова беше забележано кај други вируси, но нема знаци дека истото ќе се случи со новиот коронавирус.
На пример, големата стапка на смртност во Италија најмногу се должи на ситуациски фактори, како постаро население, преполни болници, недостиг на респираторни машини и последователно рационализирање на лекарска нега наместо од разлика во самиот патоген.
– Досега немаме докази што поврзуваат специфичен тип на вирус со некаков сериозен исход на болест. Во моментов, сериозноста на болеста е предизвикана од други фактори – порача Тилен.
Иако еден тим од научници на почетокот од оваа година посочи дека можеби има два различни типа на вирусот со два различни нивоа на типична сериозност, ваквата теорија не беше прифатена во научната заедница.
Превод: Билјана Здравковска