Кина денеска ги укина драстичните ограничувања воведени пред неколку месеци во покраината Хубеи, жариштето на пандемијата на коронавирус, која однесе над 18.000 животи во светот.
Во последните 24 часа во земјата не е откриен ниту еден случај на локална зараза, но во тој период се забележани 47 случаи кои дошле од странство, информираат кинеските здравствени власти.
Потврдени се вкупно 474 „увезени“ случаи. Се работи за поголем дел Кинези кои се враќаат дома.
Изминатите 24 часа починале уште четири лица, меѓу кои три во Хубеи, каде се наоѓа градот Вухан. Пекинг вчера објави дека го укинува карантинот за над 50 милиони луѓе во Хубеи воведен во јануари, па сега можат да патуваат ако се здрави. Некои аеродроми повторно работат, но училиштата се уште се затворени во оваа фаза.
Жителите на Вухан ќе мора да причекаат до 8 април за да патуваат од градот.