Главниот преговарач на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, излезе на Твитер со објава дека е заразен со коронавирусот Ковид-19, пренесува „Дејли мејл“.
 

Французинот напиша дека е добро и е оптимист и најави дека ги следи потребните упатства заедно со својот персонал.

– Јас сум добро, строго ограничен на мојот дом. Добро сум, моралот е добар – рече тој во видеото што го сподели на Твитер утрово.

Барние е највисокиот претставник на ЕУ со потврдена зараза со Ковид-19 од почетокот на избувнувањето – фрлајќи сомнеж за иднината на разговорите за брегзит.

Претходно во четвртокот, францускиот министер за внатрешни работи изјави дека 15-дневниот строг режим на ограничено движење побаран од претседателот Макрон може да биде продолжен ако е потребно.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, рече дека строгите мерки во неговата земја ќе бидат продолжени и по претходно објавениот рок на 25 март. Сè повеќе европски влади следат по стапките на Италија и Франција и најавуваат строги ограничувања за патувања во градовите и малите заедници.