Почитувајќи ги препораките за заштита на граѓаните општина Прилеп започна со континуирана дезинфекција на државните институции, на улиците, плоштадите во централното градско подрачје, како и на влезовите во градот, пред болницата, Здравствениот дом и Центарот за јавно здравје.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски на денешната прес конференција посочи дека целосно функционираат мобилните екипи за набавка на храна, лекови за старите и изнемоштени лица. А од денеска е ставена во функција и бесплатаната линија 080 00210. Истовремено од денеска во функција се и три нови тимови од Здравствениот дом за домашна посета.
Јованоски го посочи големиот придонес на ОВР Прилеп за преземање на мерките за заштита од корона вирусот, при тоа истакнувајќи дека против четири лица кои не ги почитувале препораките се поднесени кривични пријави.
Според полицијата пријави се поднесени против Т.Т ( 38), С.Т. (68), Т.А. (55 ) и А.Б. (44). Тие се вратиле од ризичните земји и не ги почитувале мерките, односно не седеле дома и ги прекршиле препораките.
Градоначалникот Јованоски упати апел за почитување на препораките, а граѓаните од ранливите категории да ја користат бесплатната линија за помош од општината.
– Соработката со ОО на Црвениот крст е на високо ниво, а воедно упатувам апел до општествено одговорните компании да донираат храна и дезинфекциони средства за социјално загрозените семејства – рече Јованоски на денешната прес конференција.
Инаку, според најавите, прилепска фирма започна со производство на маски. Денеска беа изработени 1000 маски, кои се стерилизирани, и кои најпрво ќе бидат доставувани директно според потребите, односно приоритетите на општината.
– Секој нареден ден ќе се изработуваат нови маски за потребите пред се на медицинскиот кадар – посочи Горан Илијески од прилепската фирма. Ка.М