ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ АНАЛИЗИРААТ

Според професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет Тања Каракамишева-Јовановска, во услови на вонредна состојба, во согласност со Уставот, Владата има право да носи уредби со законска сила.
– Овие уредби имаат сила на закони, така што практично во вонредна состојба Владата ќе може да ја преземе законодавната надлежност на Собранието, додека во кризна состојба тоа не е можно. Во кризна состојба Владата е ограничена да дејствува во согласност со постојните закони, додека во вонредна ќе има право да суспендира закони, да менува, да дополнува закони и слично преку уредбите со законска сила. На пример, ќе може да донесе уредба за ново задолжување на државата, уредба за ребаланс на буџетот, уредба за прераспределување на буџетските средства од една во друга област, уредба за упатување повеќе пари во здравството, уредба за помош на стопанството и сл. Во кризна состојба сето ова не е можно.
Со вонредна состојба ќе може да се ограничуваат човековите права, во кризна состојба тоа оди потешко, бидејќи ќе се бара примена на постојни законски решенија за да се направи ограничувањето. Во услови на вонредна состојба тоа ќе се прави директно со уредбите со законска сила – резимира професорката.
Професорката Билјана Ванковска, пак, истакнува дека се соочуваме со два проблема: политички и безбедносен.

– Од политички аспект, треба да се најде правен излез за одложување на изборите – а тоа може да се стори само во случај на воена или вонредна состојба, и никако поинаку. Вонредната состојба ќе мора да ја прогласи претседателот, и таа трае 30 дена. По што ќе се процени дали и за уште колку треба да се продолжи. Во тој период автоматски им продолжува мандатот на сите носители на државни и јавни функции. Владата добива законодавна функција (во ограничен обем, се разбира) за да носи уредби со законска сила (кои Собранието и Уставниот суд отпосле ќе треба да ги потврдат или оценат). По однос на безбедноста (здравјето на луѓето), исто така, вонредната состојба е таа што дава можности за сеопфатно реагирање на државните институции. Точно е дека немаме искуство со ваква појава, ама човековите права мора да бидат заштитени што повеќе, а без да се загрози општото добро/здравјето- истакнува Ванковска.

Во јавноста се огласи и доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ Денис Прешова, кој истакна дека во вакви околности, секако, е потребно повикување на повисоко ниво на свест и совесност и, наедно, поддршка на институциите. Тоа подразбира и укажување на одредени уставноправни дилеми за донесување информирани одлуки што дополнително ги зацврстуваат довербата и легитимитетот на институциите.
– Не треба да се прави „бауч“ од вонредната состојба, бидејќи тоа е уставен механизам присутен речиси во сите уставни системи, со кој ѝ се дава еден вид уставен легитимитет на извршната власт, односно Владата, да презема неопходни мерки на брз и ефикасен начин. Ваквите мерки, какви што се впрочем и сегашните, може да навлегуваат во одредени уставни права и слободи, а истото тоа е дозволено во ситуации на воена или вонредна состојба. Впрочем, вонредната состојба не детерминира конкретни мерки, туку дава уставна основа за одредено постапување. Така што, за граѓаните под сегашните услови е можно да нема разлика. Во услови на вонредна состојба, Уставот и правниот поредок не се суспендирани. Со оглед на тоа што се работи за сензитивно прашање, треба да се пристапува внимателно. Дали државното раководство ќе ги употреби овие механизми зависи од нивната процена, бидејќи тие ги имаат сите релевантни информации – вели Прешова.

[email protected]