Мар а Лаго, омилениот имот на претседателот, одеднаш се најде под сомнение дека
е извор на ширењето на коронавирусот меѓу елитите во САД и ширум светот

Авторка: Мередит Мекгро

Политико

Мар а Лаго, бисерот од сите недвижности во посед на претседателот Доналд Трамп, е негово омилено засолниште и прибежиште додека е на функцијата.

За разлика од Вашингтон, каде што претседателот генерално е затворен во Белата куќа и контактира со постојан тим на соработници и политичари, на неговиот имот во Палм Бич одржуваше средби и неформални дружења со неговите пријатели и џет-сетот. Сега, Мар а Лаго може да биде запишан во историјата како почетна точка за ширење на смртоносниот вирус во меѓународни рамки.

Најмалку три лица кои го посетиле Мар а Лаго во изминатите десет дена беа позитивни на тестовите за смртоносниот вирус, а беа забележани на фотографии со претседателот и други членови на клубот. Висок бразилски функционер, амбасадорот во САД, Нестор
Форстер, кој седеше веднаш до претседателот на саботната вечера во клубот, беше
позитивен на коронавирусот, како и Фабио Вајнгартен, прес-секретарот на бразилскиот
претседател Жаир Болсонаро, кој беше забележан веднаш до Трамп на една фотографија објавена на Инстаграм. Во една електронска порака до поддржувачите на Трамп, кои присуствувале на донаторски настан минатата недела се вели дека имало и заразено мистериозно трето лице во клубот, минатиот викенд. Претседателката на републиканскиот национален комитет, Рона Мекданиел, забележала симптоми слични на грип во петокот, а нејзиниот доктор веднаш побарал да се тестира за коронавирус.

Ракувањето, дипломатското прегрнување, фотографии на кои се забележува блискост и дружбите во Мар а Лаго станаа потенцијален извор на заразата што се јави кај
градоначалникот на Мајами, Франсис Суарез, кој беше позитивен на тестот бидејќи се
нашол во близина на бразилските функционери. Од минатиот викенд, градоначалникот на округот Мајами-Дејд, Карлос Хименез и неколку републикански политичари блиски до Белата куќа, како конгресменот Мет Гец и сенаторите Рик Скот и Линдзи Греам, се во самоизолација како мерка на претпазливост.

Црните облаци што надвиснаа над Мар а Лаго, каде што Трамп често ги поминува
празниците и одржува состаноци со странските лидери, се закануваат да го нарушат
угледот на друштвена дестинација за елитите, откако на насловните страници осамнаа
наслови дека таму се шири смртоносната болест. Шпекулациите дека на имотот се појавил коронавирусот ги исплашија и тамошните членови на клубот, кои плаќаат 200.000 долари годишно за членство. Џорџ Гвидо Ломбарди, кој е долгогодишен член и поддржувач на Трамп, во саботата за време на посетата, им порачана Бразилците дека нема наскоро да се врати во клубот.

Иако клубот и натаму е отворен, до сите членови беше испратена електронска порака да ги следат препораките за коронавирусот. На прашањето за изложеноста на Мар а Лаго на вирусот, Ерик Трамп, кој е извршен потпретседател на организацијата Трамп, изјави за „Политико“ дека „безбедноста на нивните членови и гости е од најголема важност. Од блиску се следеле сите активности и се почитувале препораките на Центрите за контрола и спречување на заразни болести (ЦДЦ)“.

И покрај препораките, некои членови сè уште го посетуваат клубот. Џеф Грин, могулот за недвижности од Палм Бич и поранешен член на клубот, бил на ручек со пријатели таму во саботата и истакна дека било „преполно“.

– Немаше да отидам ако бев исплашен – изјави Грин и додаде дека не забележал средства за дезинфекција на раце.

Како претседател, Трамп уживаше да ги пречекува странските лидери во Мар а Лаго, меѓу кои беа јапонскиот премиер Шинѕо Абе, кинескиот лидер Си Џинпинг и бразилскиот
претседател Жаир Болсонаро. Средбата со Болсонару минатиот викенд не беше формална во целост. Трамп и Болсонаро вечераа на отворената тераса со нивните помошници, а потоа се дружеа внатре во клубот со останатите негови членови. Истата ноќ се одржала средба на најмоќните луѓе во Вашингтон, на која се ракувале, вечерале и танцувале.

Презентерите Такер Карлтон и Џеси Вотерс од „Фокс њуз“ биле забележани во клубот, а Доналд Трамп помладиот имал голема роденденска забава за неговата девојка, а меѓу
гостите биле сенаторот Греам, владини претставници како портпаролот на Стејт
департментот Морган Ортагус, извршниот директор на Националното разузнавање, Рик
Гренел, како и конзервативни активисти како Чарли Кирк.

Следниот ден Трамп присуствувал на донаторски настан каде што видни личности платиле илјадници долари за да се фотографираат со претседателот, откако претходно ги дезинфицирале рацете и дале детален опис за нивните патувања. Атмосферата била
весела, а гостите се фотографирале, постојано стоејќи рамо до рамо и не делувале дека се загрижени за ширењето на коронавирусот во САД.

Неколку дена подоцна се рашири веста дека еден од бразилските гости бил позитивен на вирусот што ја поттикна загриженоста дали клубот стана извор на заразата.

Докторот од Белата куќа, Шон Конли, соопшти дека претседателот бил под „низок ризик“ и дека не покажувал симптоми поради што не биле потребни тестови. Во неговото соопштение се вели дека „претседателот бил ограничено изложен (фотографии и ракување) на првиот случај, иако повеќе време поминал со вториот случај, додека интеракцијата се случила пред да се појават симптоми. Ваквите интеракции се сметаат за низок ризик според препораките и поради тоа нема потреба од домашен карантин“. Сепак, поради силниот медиумски притисок, претседателот се тестираше и резултатите беа негативни.

Превод: Билјана Здравковска