Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска во Будимпешта се сретнаа со премиерот на Република Унгарија и претседател на сестринската владејачка партија Фидеш, Виктор Орбан.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го информираше унгарскиот премиер за загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата. Воедно, Мицкоски на средбата посочи дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев, каде што премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето на одлуки на Врховниот суд и обвинителството и без притоа да има каков било правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на фактот што актуелниот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархелиј доаѓа токму од партијата на Орбан, додаваат од партијата, главна тема на разговорот беше инсистирањето и лобирањето на Мицкоски Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.
– Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и неговата влада, нема повеќе време за губење и е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ гарантира сериозен план по изборите за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон Европската Унија, а воедно ќе се надополни изгубеното време – рекол Мицкоски.
Тој побарал од Орбан како член на Европскиот Совет да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да ѝ овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори. На средбата Мицкоски истакнал дека сега лобира за датум за преговори, а по датумот ветува силен капацитет на спроведување на реформи кои ќе ја остварат европската перспектива на државата.
– На средбата Мицкоски ја пренесе и загриженоста поради сериозниот атак кој го прави власта врз слободата на медиуми и ја органичува слободата на говор и спротивно мислење. Пресметката со неистомислениците говори за нискиот степен на демократски капацитет и стравот кај власта од претстојниот пораз на изборите. Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за градење мостови на соработка со Република Унгарија, со сите држави во Европската Унија и пошироко со цел остварување на заедничките државни и национални интереси – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ за време на еднодневната посета на Унгарија чија единствена агенда беше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан изрази подготвеност за продлабочена соработка и развој на меѓусебните односи.