Поминаа 20 години од снимањето на последниот филм на сер Мик Џегер, но новото филмско остварување „Темнопортокалова ерес“ (The Burnt Orange Heresy) докажува дека тој сè уште е во добра форма.
Премиерата на трилерот за интриги во светот на уметноста се одржа вчеравечер.
Филмот, во режија на Италијанецот Џузепе Капотонди, претставува адаптација на истоимениот роман на американскиот писател Чарлс Вилфорд, а главните улоги ги играат Доналд Сатерленд и Елизабет Дебицки.
Во филмот Џегер глуми богат уметнички колекционер опседнат со делата на еден осамен уметник против кого кова заговор, со намера да му украде вредна слика.
Ѓаволестиот колекционер на уметнички дела на лукав начин ќе убеди новинар да го искористи реткото интервју со уметникот (кого го глуми Доналд Сатерленд) како можност да украде една од неговите слики. Ова му е прв филм на лидерот на легендарниот бенд „Ролингстонси“, од 2001 година. Британската рок-ѕвезда досега глумела во десетина долгометражни филмови.