Јас не знам зошто воопшто и одиме на избори. Еве, Филип Рикер нека објави кој останува на власт и нема да има потреба да се бламираат со полнење кутии, купување живи луѓе, па уште згора на тоа (северномакедонски: одозгора на тога), ОБСЕ ќе треба да се глупира и да ни објаснува како сè било фер и демократски. Со Европската Унија нема проблем
Дедо, дедо, што е тоа НАКТО?
Норт атлантик конспираси теори организејшн.
А што значи тоа?
Северноатлантска организација за теории на заговор.
И каква е, дедо, таа организација?
Уф, таа веќе не постои. Ама немаше поважна и посилна организација од НАКТО на целата планета Земја. Нашата „Северна Држава“ триесет години се бореше да влезе во таа организација.
Дедо, а зошто нашата северна држава ја викаме „Нашата Северна Држава“? Зошто за она што е наше мора да кажеме дека е наше?
Па, да се знае дека нашето е наше, а не нивно. Оти пред да се викаме „Нашата Северна Држава“ имавме друга наша држава. Е таа наша беше нивна. На Грците, Бугарите, Србите и Албанците. И бидејќи нашето беше нивно, ние одлучивме ова малку наше што ни остана да си го наречеме наше за и тоа да не стане нивно.
Јас, дедо, ништо не разбирам. Подобро да ми раскажеш за тоа чудо што се вика НАКТО. Како рече? Норт атлантик конспираси теори организејшн, така? А зошто теорија на заговори?
Тоа беше главното оружје на воената организација НАКТО. Теорија на заговор. Еве ти пример: најдоа хемиско оружје во Ирак. Секако, не го најдоа вистински. Ама го најдоа теоретски. Зборуваа за него на пресови, по телевизии, на интернет се креваше паниката за нешто што не постои. Чиста теорија на заговор. И бидејќи Ирак имаше хемиско оружје што го немаше, а со тоа што го немаа, Ирачаните планираа да го уништат светот, се тргна со бомбардирање. Убија стотици илјади луѓе. Ја окупираа земјата.
И најдоа хемиско оружје?
Секако дека не најдоа. Тоа хемиско оружје постои во зборовите на политичарите и нивните медиуми. А штом го има таму, значи постои. И може да се убијат милиони луѓе. Тоа е за нивно добро. Во животот по смртта ќе си најдат демократија. Така функционира НАКТО. Секаде наоѓаа биолошко оружје што не постои, масовни гробници што ги нема, диктатори што тие ги поставиле да бидат диктатори. Неверојатно е колку се прекрасни нивните теории на заговор. Затоа и толку луѓе ги сакаат, им веруваат. Бидејќи НАКТО ги имаше убедено дека се слободоумни луѓе.
И тоа е теорија на заговор?
Еден вид. Они навистина се слободумни. Ослободени од умот.
А ние долго време се мачевме да зачлениме во НАКТО, нели?
Триесет години. Толку години едноставно не можевме да разбереме дека за да се зачлениме не треба да сме она што навистина сме.
Уште една теорија на заговор?
Не, теорија на трансформација. Од нешто стануваш ништо. А кога си ништо се просветлуваш и сфаќаш, на пример, дека хемиското оружје што не постои, всушност постои и добро е да се бомбардира таму кај што го има тоа што го нема.
А имаше такви што не сакаа во НАКТО?
Имаше. Ама нив ги натеравме да засакаат. А оние што ептен не сакаа, е нив ги изолиравме во затворен простор, кај што можеа колку сакаат да не сакаат.
Па зошто дедо, нема веќе НАКТО, ако беа толку добри?
Затоа што го достигнаа совршенството. Како што јогинот стига до нирвана и тоа е тоа, така и НАКТО кога нè прифати нас што не сме она што бевме, го достигна своето совршенство и се претвори во чиста енергија, која денес сите нè храни и брани.
Океј, доста со ова! Ми здодеа. Па зошто истрошив половина колумна? Затоа што и сè друго што се случува и ќе се случува, исто така ми здодеа. Нормален читател сега ќе се запраша, како може нешто што ќе се случува да ми здодее? Е па, во нашиов случај може. Затоа што тоа што ќе се случува веќе се случило. И тоа не толку одамна.
Затоа, умирам од здодевност кога го слушам муабетов за федерализација. Особено кога Заев рипа да каже дека такво нешто нема да се случи. Сега фали само уште „Цивил“ да објави дека тоа е само во нашите небањати глави, па шарените да го шеруваат. Јас не знам зошто воопшто и одиме на избори. Еве, Филип Рикер нека објави кој останува на власт и нема да има потреба да се бламираат со полнење кутии, купување живи луѓе, па уште згора на тоа (северномакедонски: одозгора на тога), ОБСЕ ќе треба да се глупира и да ни објаснува како сè било фер и демократски. Со Европската Унија нема проблем. Они можат бесконечно број пати да направат кловнови од самите себе само за да продолжат да го полеваат тоа што криво го насадиле. И да тврдат дека, ама ептен е право насадено. Чекам само условнава затворска казна за новинаров да ја прогласат за врвна демократија, па сами да ѝ стегнат кривична пријава на телевизијата Алфа како поддршка на својот инструмент.
На крајот на краиштата, онаа грозоморна слика каде што грчката крајбрежна стража го дупчи гумениот чамец полн мигранти, претставува божествена симболика за ЕУ и нејзината суштина. Да не се разбереме погрешно, не зборувам за односот на ЕУ спрема мигрантите, туку во таа грозоморна слика ја гледам божествената симболика во односот на Унијата спрема Македонија. Кај нив влегуваме само удавени, мртви, со дупнат чамец низ кој истекол македонизмот и тоа за десет, петнаесет години од сега, ако воопшто постојат. Будалаштиниве околу датумот за датум што најверојатно ќе го дадат е само да му пуштат ветер во грб на, од нив октроираниот Заев, иако тој упорно претпочита да фрла сидро за да плови понатаму.
И затоа ми е мнооогу здодевно. И онаа бурлеска „Рекет“. И гротеската со датумот. И „бомбиве“ што се пуштаат. Знаете, нешто што почнало како фарса, не може да заврши сериозно, не може да промени жанр. Јас, фала му на бога, сево ова го најдов во својата небањата глава, низ годините го пишував и битисувањето ми потврди дека сум во право. Сеедно што лудилото, кое се случува, ќе продолжи да се случува, затоа што веќе се случило. И на краток рок, ќе победи изопачената моќ. Ќе си ја спроведе агендата оставајќи смрдливи траги, кои нема да изветреат. Ама ним им е важно тука и сега. Тие не се грижат за вечноста. Знаете, сум го кажал примеров, Калигула и Нерон се мислеле за богови, никој не им можел ништо, масакрирале неброен број луѓе, ама денес тие се запишани како психопати. Затоа ние сме тука да го сведочиме безумието. Некои да го пишуваат, некои да бидат судени, измачувани, затворани, а некои дури и ликвидирани. И тоа ќе се случува, затоа што веќе се случило.