Рекорд на освоени награди на македонските вина на „Мундус вини“ во Германија – 29 златни и 13 сребрени медали
На годинешното пролетно оценување на престижниот натпревар за вино „Мундус вини“, кој по 26-ти пат се одржа во Нојштад, Германија, во периодот од 18 до 23 февруари 2020 година, 268 експерти за вино од 54 земји оценуваа околу 7.500 вина, кои потекнуваат 45 земји. Македонските вина забележаа значителен успех, со вкупно освоени 42 награди, од кои 29 златни медали и 13 сребрени. Ова претставува своевиден рекорд за македонските вина со освоени награди на поединечен натпревар за вино, каде што речиси 70 отсто од регистрираните вина од нашата земја се закитија со медал. Со најголем број освоени награди се закитија земјите од стариот вински свет: Италија, Шпанија, Франција, Португалија и Германија.
Во насока на промоција на винската индустрија од земјата, здружението „Вина од Македонија“ во рамките на „Мундус вини“ на 22.2.2020 организира мастерклас-презентација за македонските вина, со фокус на вина од сортата вранец, пред повеќе од 140 вински судии од цел свет. Овој настан, кој беше и финансиски поддржан од Министерството за земјоделство, преку Програмата за рурален развој 2020, беше оценет како една од најдобрите презентации на нашето вино на интернационалните пазари.
Винарницата „Стоби“ со освоени 6 златни и еден сребрен медал доби признание и за најдобар прозведувач од Македонија.
Од винарницата „Далвина“, виното „тач премиум мерло“, од бербата 2017, беше прогласено и за најдобар производ од Македонија.
Винарницата „Тиквеш“, со освоени 4 златни и 3 сребрени, ја продолжи низата на високорангирана и наградувана македонска винарница во изминатите години.
Винарницата „Камник“ се закити со 5 златни и 1 сребрен медал, а и винарницата „Попов“ исто така се најде на листата на наградени винарници, со освоени 2 златни и 2 сребрени медали.
По еден златен медал освоија вината од винарниците „Венец“, „Сопот“ и „Лазар“, а со сребрени медали се закитија и три вина на винарницата „Бовин“ и две вина на винарницата „Имако“.
Вкупно 15 вина од Македонија се со освоени награди за 100 отсто вино од сортата вранец, а 10 вина се купажи од вранец со други сорти. Вранецот е сортата вино преку која македонските винарници и здружението „Вина од Македонија“ ги градат брендот и имиџот на македонското вино на интернационалните пазари. Нашата земја располага со најголеми површини на лозови насади, кои достигнуваат речиси 11.000 хектари.