Како и претходните 27 години така и викендов, пред почетокот на пролетта, од стотина граѓани беше посетен локалитетот Ѓурѓејца, ледина помеѓу селата Карбуница и Кладник Кичевско, каде е испишана една од најсветлите страници од илинденската епопеја и извојувана една од ретките и блескави победи на илинденците во 1903 година.
При посетата на Ѓурѓејца почитувачите на Илинден од сите генерации, најпрво положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето, што пред неколку години сами го изградија, а потоа испеаја повеќе патриотски песни, одиграа повеќе ора и на крај посетата ја зачинија со заедничка закуска.
– Полни 28 години пред почетокот на пролетта реализираме посета на спомен- обележјето во месноста Ѓурѓејца, каде голем број патриоти ги положиле животите во прочуената битка и една од најблескавите победи во времето на Илинден. На овој ден на Ѓурѓејца секој патува по сопствен избор, дали пеш од кај селото Карбуница или преку нешто подалечна релација од кај селото Кладник, од каде се пристига со моторно возило.
Посетата ја започнавме со поклонение пред спомен-обележјето што сами го изградивме во чест на титаните, каде според големината на историскиот настан што тука се одиграл, треба да се изгради достоинствен споменик каков што тоа го заслужуваат нашите илинденци кои тука ги положиле животите.
Потоа испеавме повеќе револуционерни песни, одигравме и неколку ора и посетата ја зачинивме со заедничка закуска. На крај си ветивме и догодина да бидеме тука независно од временската ситуација, бидејќи низ годините ниту снежни кијамети, ниту мраз и ниски температури не можеа да нѐ откажат да го посетиме ова, за нас, култно место – вели Аце Кочоски, еден од ветераните кој не прескокнал ниту една посета на Ѓурѓејца во изминатите 28 години.
Посетата на Ѓурѓејца заврши со заедничка фотографија како потсетување на овој настан.