Тутунскиот комбинат од Прилеп, како државна компанија првпат по подолги години, прокнижи добивка, која изнесува над 39 милиони денари. Ова е успех на компанијата, која по петгодишно партнерство со „Филип Морис интернационал“ во заедничката компанија ПМТКП успеа да излезе од листата на загубари, велат од комбинатот. Оттаму посочуваат дека позитивните резултати се должат на зголемената ефикасност и модернизацијата на компанијата и дека на тутунарите за откупениот тутун од минатогодишната реколта им се исплатени околу 11 милиони евра.
– Оперативните приходи се зголемени за 3 отсто, а оперативните расходи се намалени за 16,8 проценти. Намалувањето на расходите најмногу е изразено кај ставката „трошоци за вработени“ и се должи на реализираниот пакет за намалување на бројот на вработените. Намалени се и расходите поради инвестиции со кои се намалил трошокот на енергија. Финансиските приходи во 2019 година изнесуваат 124.935.000 денари и има зголемување во однос на 2018 година, кога изнесувале нешто над 94 милиони денари. Добивката целосно ќе се искористи за покривање загуби од минатитe години. Покрај ова, платата на сите вработени во 2019 година е зголемена за 25 отсто – вели Кирил Станкоски, генерален директор на тутунскиот комбинат од Прилеп.
Изминатите години во компанијата имаше стабилизацијата во работењето, проследена со квалитативна трансформација на производствениот процес и модернизацијата овозможена од стратегиското партнерство со „Филип Морис“.
– Заштедите по основа на енергетска ефикасност се огромни. Се инвестираше во санација на дел од оштетени лимени покриви и во комплетна санација на клима-коморите во погон за цигари и се направи комплетно нова внатрешна хидрантска мрежа, што беше еден од најзначајните услови и барања од нашиот стратегиски партнер – додава Станкоски.
Со овие показатели и планови, кои ги имаат во компанијата „Тут-ком Прилеп“ излезе од групата на четирите загубари. Најдобрата опција, како што велат од комбинатот, сепак е негова целосна приватизација.