Министерот за здравство Венко Филипче во денешната изјава за медиумите истакна дека единствената пациентка којашто е позитивна на коронавирус е во добра општа здравствена состојба и се лекува на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
– Единствената пациентка којашто се лечи на инфективната клиника е во добра општа состојба. Веќе втор ден нема температура, претпоставувам дека многу скоро ќе почне и закрепнувањето. Негативен е резултатот на возачот, којшто го управувал комбето, во кое патувала пациентката којашто се лечи на инфективната клиника. Поради секоја можна варијанта тој и понатаму ќе остане во домашна изолација, во текот на следните денови, се до четиринаесеттиот ден, кога завршува периодот на инкубација, а потоа лекарите специјалисти, инфектолози, епидемиолози ќе одлучат дали и повторно ќе се тестира – потенцираше министерот Филипче.
Во изјавата, министерот Филипче потенцираше дека се негативни резултатите и на пациентот кој вчера заедно со девојката побегнале од штипската болница.
– Исто така е негативен тестот на пациентот кој со симптоми се јавил преку виничкиот здравствен дом на инфективното одделение во штипската болница – рече министерот Филипче и додаде дека утрово разговарал со конзулот, нема податоци дека има заболени наши државјани, ниту пак наши државјани кои се во карантин и кои живеат во регионот на Северна Италија.
Тој изјави дека нема простор за паника и апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство за заштита од коронавирусот.