Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека 18.000 бегалци и мигранти преминале од неговата земја во Европа, откако Турција ги отвори своите граници кон европските земји, пренесуваат агенциите.

– Ја отворивме вратата. Нема да ја затвориме таа врата.  Зошто? Бидејќи Европската унија треба да ги исполни своите ветувања – рече тој.

Обраќајќи се пред пратениците од неговата Партија на правда и развој (АКП) во Истанбул, Ердоган рече дека го замолил рускиот колега Владимир Путин да се повлече од Русија и да ја остави Турција сама да се справува со сириската влада, пренесе Ројтерс.

Како што наведува Анадолија, турскиот лидер навел дека 36 турски војници биле убиени од почетокот на операцијата во северозападната провинција Идлиб во Сирија и ветил дека  „нивната крв нема да остане неосветлена“.

– Повеќе од 2.100 припадници на режимот досега се убиени и уништени се речиси 300 возила – рекол Ердоган.


Орбан ја зајакнува контролата на границата поради мигрантите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја ќе ја зајакне заштитата на својата јужна граница, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ергдоган го информирал дека Турција не може повеќе да го спречува приливот на мигранти.

– За време на телефонскиот разговор во врска со миграцијата и актуелната ситуација во Сирија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го известил премиерот Орбан дека постои огромен притисок врз Турција и дека таа веќе не може да го спречи приливот на мигранти – соопшти унгарската Влада.

Орбан свикал состанок на својот кабинет за безбедност и одлучиле дека Унгарија мора да ја зајакне заштитата на својата граница и да обрне посебно внимание на балканската мигрантска рута.

Турција како одговор на убиените 33 војници во Сирија ги отвори границите за мигрантите.