Москва ќе депортира 88 странци кои ги прекршиле мерките за карантин што им биле воведени како претпазливост поради коронавирусот, изјави заменик-градоначалничката на Москва, Анастасија Ракова.
Русија стави во карантин повеќе стотици луѓе за да спречи ширење на коронавирусот, а биле спроведени рации за да се провери дали се придржуваат до мерките.
– Во текот на проверките утврдено е дека 88 лица ги прекршиле условите за изолација. Тоа се странски државјани, кои ќе бидат депортирани – рекла Ракова, пренесува „Риа новости“.
Таа не открила од кои земји се странците, ниту под какви мерки на изолација се ставени.
Но, додала дека проверките се вршат во населени места, станови на кинески државјани, како и странци кои дошле во Москва од Кина пред воведувањето целосна контрола на границите.
– Полицијата спроведува контрола во болници, хостели, приватни станови, во метроата и во јавниот превоз – рекла таа.
Кинеската амбасада побара ваквите акции да прекинат нарекувајќи ги дискриминаторски за кинеските државјани.