За учениците што, поради поголеми здравствени проблеми или хронични болести, не можат да посетуваат настава подолго од три недели, наставата се организира во домашни услови, односно во здравствена установа, се предвидува со новиот закон
За учениците што, поради болест или поради друга оправдана причина, не се на настава подолго време, училишното раководство има обврска да организира настава во домашни услови. Ваква можност е предвидена со новиот закон за основно образование, кој треба да усвои во текот на летото.
Во кои денови ќе се одвива наставата дома, дали во викендите или во работните денови? Дали сите наставници по секој предмет ќе одат дома кај децата што отсуствуваат? Дали ова ќе им се смета за дополнителен ангажман и дали ќе биде дополнително платено? Како ќе се организира сето ова?
Одговорите на овие прашања ќе бидат дел од т.н. Правилник, кој ќе го прават надлежните во Бирото за развој на образованието, во координација со Министерството за образование и наука. Во Бирото информираат дека со оглед на тоа што не стигнале оваа учебна година да го направат правилникот, за да може новината да се спроведува од оваа учебна година, таа ќе започне да се реализира од следната 2020-2021 учебна година.
Домашното образование во случај на подолги отсуства е регулирано со членот 15 од Законот за основно образование. Таму пишува дека освен тоа што настава се организира во основно училиште, односно во здравствени установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, настава ќе се следи и дома. Вакво нешто со претходните закони не беше можно.
– За учениците што, поради поголеми здравствени проблеми или хронични болести, не можат да посетуваат настава подолго од три недели, наставата се организира во домашни услови, односно во здравствена установа. Родителот, односно старателот го известува училиштето за потребата за настава на ученикот што е на подолго домашно или болничко лекување. Училиштето организира воспитно-образовен процес во домашни услови како посебен облик на работа за ученици што се на подолго домашно лекување – стои во членот од законот.
Бидејќи новината се одложува за идната година, сегашните правила налагаат ученикот точно да ги каже причините за изоставувањето од наставата. Образложение на причините може да даде предметен наставник, родител или старател на ученикот. Ако причината на изоставувањето се регулира со лекарска белешка, ученикот е должен да достави и здравствена книшка како доказ дека лекарската белешка е правилно издадена. Причината за изостанувањето може да се регулира најдоцна во рок од 10 дена од денот на изостанувањето. Родителот е должен за секое отсуство на ученикот од наставата да го извести одделенскиот раководител на ученикот. Известувањето треба да го стори навремено или истиот ден кога ученикот е отсутен од настава.
Ако ученикот е отсутен повеќе денови од наставата, а е на боледување или болничко лекување, родителот (старателот) на ученикот е должен во најкраток временски рок да го запознае раководителот на паралелката.
Во училиштата за средно образование, оние ученици што подолг период отсуствуваат од наставата поради болест, операција, тешка повреда и слично, на крајот на годината треба да полагаат т.н. испитна година. Димитар Ѓеоргиев, директор на училиштето „Михајло Пупин“, објаснува дека секој ученик полага онолку колку што отсуствувал. Сепак, со сегашните правила, ако се работи за тешка болест и ако ученикот не е во состојба физички да присуствува во училиштето на денот на полагањето, тој нема опција да полага во домашни услови.
– Секој ученик што не доаѓал на настава подолго време полага испитна година. Ако една третина од часовите не присуствува на настава од оправдани причини, мора да дојде да полага. Ако не може во јуни, полага во август. Ако е на пет предмети отсутен повеќе од една третина, тогаш полага. Комисијата пред која полага е составена од класен раководител, претставници од стручна служба и од предметниот професор – вели директорот.