Амстердам – Во јавноста е објавен таен документ од холандската разузнавачка служба за истрагата на падот на малезискиот авион на летот „МХ17“, кој беше соборен во јули 2014 година. Досега се сметаше дека голема одговорност за соборувањето на авионот, во кој загинаа сите патници и членови на екипажот, има Русија, затоа што леталото беше соборено над област во Украина, која беше под контрола на бунтовниците што ги поддржуваше Русија. Според документот што е испратен до холандското обвинителство, авионот бил надвор од дострелот на сите идентификувани и оперативни украински и руски локации на кои биле распоредени системите „9K37M1 Бук M1“.
Вашингтон – Сопственикот на „Амазон“ и најбогат човек на светот Џеф Безос вети дека ќе донира 10 милијарди долари за борбата против климатски промени. Безос порача дека со овие пари ќе ја финансира работата на научници, активисти и на други групи, а ќе ги дистрибуира во текот на летото. Неговата најголема донација досега беше две милијарди долари за помош на бездомни семејства и за финансирање училишта во 2018 година.
Каракас – Властите на Венецуела ја суспендираа португалската авиокомпанија „ТАП ер Португал“, со чиј авион лидерот на опозицијата Хуан Гваидо се врати во земјата од меѓународната турнеја. Својата тринеделна турнеја во Европа и посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа, Гваидо ги заврши со лет до Каракас со компанијата „ТАП ер Португал“, а со него бил и вујко му. Властите во Венецуела го уапсиле вујкото на Гваидо на аеродромот, обвинувајќи го дека се обидел да внесе експлозив во земјата.
Париз – Француската полиција го уапси рускиот активист и уметник Пјотр Павленски, одговорен за објавувањето на видеоснимката со сексуална содржина, што доведе до повлекувањето од трката за градоначалник на Париз на поранешниот портпарол на француската влада Бенжамен Гриво. Павленски порача дека ја објавил снимката за да го разоткрие она што го гледа како „лицемерство на политичарите“. Гриво пред неколку дена ненадејно се повлече од трката за градоначалник на Париз, откако на интернет беше објавена компромитирачката видеоснимка.