Американската актерка Шенон Доерти откри пред јавноста дека се наоѓа во четвртиот стадиум на карцином на дојка. Подмолната болест ѝ беше дијагностицирана во 2015 година. Пред две години Доерти тврдеше дека успеала да ја победи, но годинава болеста повторно се врати во нејзиниот живот. Актерката, која се прослави со улогата на Бренда во култната ТВ-серија „Беверли Хилс“, проговори за својата здравствена состојба за време на интервјуто во утринската програма „Добро утро, Америка“.
Во емотивен и искрен разговор со водителката, 48-годишната актерка изјави дека и самата била шокирана од веста, велејќи дека таа ѝ звучела како „горчлива таблета“, која тешко се голта.
Веста за враќањето на болеста дојде по неполна година од смртта на Лук Пери, нејзината прва филмска љубов во серијата „Беверли Хилс“, кој почина ненадејно од мозочен удар. Таа раскажа дека новата дијагноза ја слушнала минатата година, веднаш откако дознала за смртта на својот пријател и колега.
– Малку чудно се почувствував поради помислата дека имам неизлечива болест, а во исто време ми почина блиска личност, која на прв поглед изгледаше целосно здрава. Сакам да изјавам дека нашиот живот не завршува веднаш по добивањето на дијагнозата, пред нас сѐ уште има време за живеење – изјави актерката, позната по својот авантуристички дух и по бурните љубовни врски.
Според пишувањето на германската новинска агенција ДПА, таа решила да зборува јавно за својата состојба и поради тужбата и преговорите што ги врши со една осигурителна компанија, во врска со трошоците за нејзиното лекување. Во текот на минатата година, Доерти прво ја одби, а потоа ја прифати поканата да учествува во оживувањето на култната серија, која беше голем хит во 1990-тите години. Одлуката ја донесе по смртта на Лук Пери, објаснувајќи дека смета дека за сите е важно повторно да се соберат и да му оддадат почит на Пери.