„Медена земја“ не успеа да го освои „оскарот“ во ниту една од двете категории во кои беше номиниран на 92-то свечено доделување на престижните филмски награди, кое се одржува ноќва во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Фаворизираните „Американска фабрика“ и „Паразит“ стигнаа до златните статуетки за најдобар документарен филм, односно за најдобар странски филм.
„Медена земја“ е првиот документарец номиниран за „оскар“ во две категории, со што испиша историја и покрај изостанувањето на наградата.
Документарниот филм во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска е третото остварување од Македонија номинирано за „оскар“ по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и „Дае“ на Столе Попов.