Десетина волонтери, вљубеници во природата од еколошката групација „Зелена сила“, засадија 400 садници бреза, чемпрес, јавор, јасен и бел бор, донација од ЈП „Македонски шуми“. Шумата во формирање е наречена „Калина и Александар“, а поветена е на Калина Велевска и Александар Миновски, кои трагично ги загубија животите на 10 февруари 2018 година, при искачување на врвот Кајмакчалан.
– Годинава започнавме да ја формираме шумата посветена на нашите пријатели Калина Велевска и Александар Миновски, кои ги загубија животите на 10 февруари 2018 при искачување на врвот Кајмакчалан. Една недела пред тоа, со Калина бевме на искачување на Клепа и таа попатно засади една млада садница, токму на овој простор каде сега засадивме 400 нови и ги полеавме со два тона вода. Нејзината садница е во средина. Оваа шума нека биде вечен помен за нашите другари, кои ќе останат бесмртни. Шумата секоја година на ова традиционално искачување ќе станува сѐ поголема со засадување нови садници – рече Игор Смилев од „Зелена сила“.
Просторот е заграден со еластична ограда, како превентива за зачувување на младите садници.
В недела е предвидено искачување на врвот Клепа (1.150 мнв) и поставување на клепало, по кое врвот го добил името во турско време. Меѓу учесниците се најавени и гости од четири друштва од Србија.