Од една прослава на скопските бадникари

Сигурно е дека убавината и продуховеноста на бадниковите вечери, а потоа и самиот Божиќ, денот на Христовото раѓање, нѐ оформиле онакви какви што сме, нашата љубов кон блиските и луѓето воопшто, вербата во бога и во традицијата

Останати ни се сеќавања од детството кога за Бадник се палеа огнови по скопските маала, се разбира, не толку масовно и во толкав обем како денес. Во нив имаше дел од возбудата и возвишеното чувство при исчекувањето на Христовото раѓање. По војната, во времето на атеизмот, традицијата и натаму се одржуваше. Особено со семејната атмосфера во домот за Бадник и бдеењето, при исчекувањето на големиот настан, со трпезата и вековните адети што се негуваа. Во една или во друга форма народот си остануваше верен на духот на својата вера.

Во долгите скопски зимски денови, непосредно пред Бадник, малите трошни куќарки во маалата се закитуваа со бадникови гранчиња. Тие беа симболи на траењето и на вечниот живот, на благосостојбата во куќата и во семејството, на среќа и здравје. Симболиката на огнот е еден вид копнеж по светлината и сонцето, но и желбата да изгорат во нив сите несреќи и зла на светот. Во тој однос маалата личеа едно на друго, но негувајќи истовремено и свои специфичности: од Дебар Маало до Чаир, од Пајко Маало до Маџир Маало, од Карадак и Крњево до Ново Маало, од Кисела Вода до Водно, од Мичурин до Пошта Маало и Буњаковец… Тешко е со зборови да се искажат блискоста и искажаната љубов меѓу луѓето во тие мигови.

Особено онаа прва, неповторлива возбуда, кога во зорите ќе се тргнеше на коледе и кога се пееја коледарските песни што ги знаевме наизуст: „Коледе леде… Денес е коледе, утре е Божиќ“. А потоа долго се прераскажуваше кој што добил како подарок и како поминал во тие прекрасни утра. Бадниковата вечера е приказна за себе: длабоко во нас се чува споменот за сплотеноста и топлината на семејните бадникови вечери, со нескриената желба да се добие паричката од бадниковото кравајче. Паричката, тој толку посакуван и свет симбол на среќа во годината што доаѓа. Она што се поставуваше за бадниковата вечера, денес ни личи на волшебен, бајковит сон, од посните јадења, кравајчето или погачата, изобилство од ореви, костени, смокви, круши, јаболка, печена тиква… Сигурно е дека убавината и продуховеноста на бадниковите вечери, а потоа и самиот Божиќ, денот на Христовото раѓање, нѐ оформиле онакви какви што сме, нашата љубов кон блиските и луѓето воопшто, вербата во бога и во традицијата.

Покрај истражувањата на нашите еминентни специјалисти од оваа сфера, долги години настојував да дознам нешто повеќе за бадниковите и божиќните обичаи директно од теренот, од скопските маала. А тие истражувања отвораат една широка, возбудлива слика за обичаите што се подзаборавени или повторно се оживуваат. Во нив се откриваат и помалку познатите коледарски песни што се пееле, многу куриозитетни обичаи и духовити случки. Повозрасните жители од разни скопски маала ми раскажуваат за бадникарските и божиќните празници и за детството по војната. Некои коледарски песни и обичаи, кои се помалку познати, толку многу им се врежани во сеќавањето, што сите тие песни и едночинки што ги импровизирале ги знаат наизуст. Во тие скудни години, тешко било да се дојде и до дрва за бадниковиот оган, колку тој да бил скромен. Дрвата честопати биле „позајмувани“ и од таму каде што не било дозволено. Во големите зими се случувало да напаѓа и по еден метар снег. Коледарите понекогаш тргнувале по куќите веднаш по огновите, некаде околу полноќ, а една од тие интересни коледарски песни што помалку е позната е следната:

„Сива, сива Гулабице,
каде си се осивела,
таму горе на Небото,
си миеше златни чаши,
канани, канани,
на баба налани,
на дедо опинци!
Коледе“.

Ако некои луѓе со години покажувале скржавост и не им давале подароци, децата и за нив имале духовит одговор: „Орово, борово, све у куќа ќораво“. Интересен е и податокот дека за време на бадниковите празнувања децата се преоблекувале, носејќи разни кожувчиња, стари шубари, бастуни, изведувајќи скечеви и едночинки. Најчесто тие настапи започнувале со стиховите: „На колена паднавме, Христа бога молевме“
Главните јунаци во тие едночинки биле малиот Петар, цар Гашпар или дедо Матори. Некои од тие изведби луѓето од скопските маала и денес ги паметат: „Јас сум цар Гашпар, цела ноќ не сум спал, кога ја видов ѕвездата на Исток, се роди Исус Христос“. Или: „Јас сум дедо Матори, што тешки врати отвори, вие јадете и пиете, на мене старец не давате“ итн.

Во периодот меѓу двете војни, пред Божиќ, најголемите бадникарски огнови во Скопје се палеле пред Офицерскиот дом. Традицијата на бадникарството и славењето на Христовото раѓање и денес нѐ исполнува со радост и духовно блаженство. Една група заслужни скопски ентузијасти во 1992/93 година му даде нов импулс на бадникарството, тоа се денес познатите бадникари, со бадникарско знаме и химна, бадникарски кум и пехар, и повеќе други одбележувања на Бадник.