Денес, покрај лесно достапниот високотехнолошки начин за пренесување пораки, многумина се прашуваат дали некој воопшто испраќа празнични честитки? Одговорот е оптимистичен. Имено, според Здружението за честитки, годинава Американците купиле 1,6 милијарда божиќни честитки.
– Иако најчести се дигиталните честитки, сепак голем број потрошувачи копнеат по трајноста на овие значајни моменти – вели Сондра Хардинг, директорка на „Шатерфлај“, интернет издавачка куќа, додавајќи дека потрошувачите сè повеќе ги персонализираат своите празнични честитки користејќи фотографии направени со паметни телефони со висока резолуција.
Врвните техники на дигитално печатење сега им овозможуваат на клиентите да додаваат убава метална фолија и светки на картичките, а вештачката интелигенција толку многу се инфилтрираше во оваа индустрија што постојат алгоритми што ќе ви помогнат да изберете најдобри фотографии за да ги поставите на вашиот производ.
Кејти Раабе, стратег за дизајн на производи, вели дека нејзиниот клучен предизвик е да ги идентификува трендовите од модата, дизајнот на ентериер, цветниот дизајн, и да одлучи што од нив најдобро се пренесува во форматот на празнични честитки.
– Акварелите се особено популарни сега, а апстрактните дизајни, пак, инкорпорираат празнични бои. Но на голем број клиенти им се допаѓаат традиционалните честитки, оние што сакаат убав дизајн или едноставна порака како „среќно“ – вели Раабе.