И на 31 декември и на 1 јануари ќе има натпревари во Бразил, САД, Англија, Чешка, Швајцарија, Италија, Шпанија…, и тоа во хокеј, атлетика, зимски спортови, пикадо, фудбал (меѓу нив и македонскиот репрезентативец Алиоски). Веќе на 2 јануари на терените ќе бидат и кошаркари (МЗТ Скопје), еден ден подоцна и ракометари (македонската репрезентација), а во следните денови спортот во светот веќе фаќа полн залет, со повеќе големи натпреварувања
Вообичаено, 31 декември и 1 јануари се денови за забава, проследено со одмор, но, исто така вообичаено, а и овој пат во многу краеви на светот, е илјадници спортисти да бидат на спортските терени. Така, во деновите за славје ќе има натпревари од Бразил, преку САД, до европските земји Англија, Чешка, Швајцарија, Италија, Шпанија… Некои од тие натпревари се организираат речиси 100 години, некои уште не се „полнолетни“, но привлекуваат илјадници учесници, стотици илјади гледачи во живо и милиони преку ТВ-преносите.
На 31 декември 2019 година или на 1 јануари 2020 година ќе се натпреваруваат хокеари, атлетичари, скијачи нордијци и скијачи скокачи, натпреварувачи во пикадо, а и фудбалери (меѓу нив и македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски). Веќе на 2 јануари на терените ќе бидат и кошаркари (МЗТ Скопје), а еден ден подоцна и ракометари (македонската репрезентација).
Во продолжение се некои од спортските настани за новогодишните празници.
ХОКЕЈ НА ОТВОРЕНО: Зимскиот класик, хокеарскиот меч од НХЛ-лигата, се игра од 2008 година, и тоа главно на 1 јануари или еден-два дена подоцна, на отворено, на стадион за бејзбол или за американски фудбал. За 2020 година тоа ќе биде мечот на 1 јануари помеѓу Далас и Нешвил, на стадионот „Котон боул“ во Далас. Откако се игра ваков натпревар, тој е најгледаниот на ТВ од регуларната сезона во НХЛ, приближувајќи му се и на финалето според гледаноста. На самото место најголема посета е забележана во 2014 година, кога на стадионот „Мичиген“ натпреварот Детроит – Торонто (2-3) го следеле 105.491 гледач.
МЛАДИНСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО: Од 1977 година, секоја година во крајот на декември до почетокот на јануари се одржува Светското првенство за хокеари до 20 години. Домаќин на Мундијалот за 2020 година е Чешка. И на ова издание ќе има мечеви на 31 декември и потоа на 2 јануари, а во минатото често на распоред биле и дуели на 1 јануари. Актуелен првак е Финска, а најтрофејна е Канада со 17 титули.
УЛИЧНА ТРКА: Една од најстарите новогодишни спортски манифестации е уличната трка на 15 км во Сао Пауло (Бразил), која се одржува од 1925 година, без ниту една прескокната година. Оваа трка се одржува на 31 декември, порано со почеток еден час пред полноќ, а сега во раните попладневни часови. Слични улични трки на еден ден пред Нова година, од поново време во однос на бразилската, се организираат во Болцано (Италија, од 1975 година), Мадрид (Шпанија, од 1964 година), Функал (Португалија, од 1958 година) итн. Трката во Сао Пауло почнала да се одржува по иницијативата на Каспер Либеро, како реклама за неговиот весник, кој во 1928 година го основал и спортскиот весник „Газета еспортива“, кој бил официјален организатор на трката.
НОРДИСКО СКИЈАЊЕ НИЗ ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ: Тур де ски е годишна серија трки во нордиско скијање, што се одржува од 2006 година, во Европа, како дел од Светскиот куп. Седумте трки се одржуваат во неколку земји (годинава во Швајцарија и во две места во Италија), од 28 декември до 5 јануари, со редовна трка на 1 јануари (сега во италијанскиот Тоблах), а годинава и на 31 декември. Крос-кантри скијањето беше во период на обновување од раните 1980-ти, кога слободната техника првпат беше воведена на светските првенства, што доведе до нови дисциплини (покрај постојната трка на хронометар), како потера, спринт и трки со масовен старт. Идејата, според информациите, била родена по состанокот помеѓу поранешниот олимписки првак Вегард Улванг и Јерг Капол, тогаш главен извршен директор на Меѓународната скијачка федерација (ФИС) за крос-кантри натпревари, во сауна во Норвешка. Нивната идеја била да создадат неколкудневен натпревар за мажи и за жени во различни дисциплини, по што најкомплетните скијачи-тркачи ќе станат победници на Тур де ски.
ЧЕТИРИ СКОКАЛНИЦИ: Престижниот натпревар во скијачки скокови, новогодишната турнеја Четири скокалници, се одржува од 1953 година, со по два натпревара во Австрија и во Германија, на крајот на декември и во почетокот на јануари. Традиционалната втора станица е во германскиот Гармиш Партенкирхен на 1 јануари (секако, ски-скокачите работат и на 31 декември, кога се квалификациите). Турнејата е дел од Светскиот куп во скијачки скокови, но е и натпревар сам за себе, со посебен систем на квалификации, посебни награди за секој натпревар и за вкупните победници. „Турнејата“ почнала да се одржува на 1 јануари 1953 година, со натпреварот во Гармиш Партенкирхен пред 20.000 гледачи, со учество на скијачи-скокачи од шест земји, пишува, меѓу другото, на сајтот на натпреварувањето. Пред натпреварот во Гармиш, скијачите-скокачи вчера се натпреваруваа во Оберсдорф, а потоа Турнејата се сели во Австрија, во Инсбрук на 4 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари.
ПИКАДО ЗА СВЕТСКА ТИТУЛА: Мечот за светската титула во пикадо и годинава ќе се одржи на 1 јануари. Домаќин на Мундијалот, кој се игра од 1994 година, и годинава е Лондон (шампионатот почна во првата половина на декември), а ова првенство е едно од двете светски првенства во овој спорт (постојат две федерации, а другото Светско првенство почнува на 4 јануари).
ФУДБАЛ ВО АНГЛИЈА: Годинава на оваа листа спортски настани на 31 декември или на 1 јануари се надоврзува и Лидс, чиј член е македонскиот репрезентативец Алиоски. Лидс има закажано меч за 1 јануари, на гости кај ВБА (од 18.15 часот), во дивизијата Чемпионшип во Англија. Дуелите на 1 јануари се вообичаени за Англија, во Чемпионшип се играат 10 меча од 26-то коло, а во Премиер-лигата се закажани девет од 10-те натпревари од 21-то коло.
КОШАРКА НА ВТОРИ, РАКОМЕТ НА ТРЕТИ: Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе бидат на теренот веднаш по пречекот на 2020 година, оти на 2 јануари треба да гостуваат кај Рогашка (Словенија), во меч од 14-то коло на Втората јадранска лига. Ракометните репрезентативци, исто така, во овој период ќе бидат во Словенија, на подготовки за настап на Европското првенство. За 3 јануари е закажан тест-дуелот со Словенија, во Словењ Градец. Итн.
По празниците тенис, рели, ЕП во ракомет и во ватерполо…
Веднаш по новогодишните празници, спортот во светот веќе фаќа полн залет, па продолжуваат разни првенства. Така, на 3 јануари почнува тенискиот АТП-куп (во Австралија), од 5 јануари е традиционалното рели „Дакар“ (во Саудиска Арабија), од 9 јануари се Европското првенство во ракомет (во Австрија, Норвешка и во Шведска) и Младинските зимски олимписки игри (во Швајцарија). Нов термин има, на пример, Европското првенство во ватерполо, кое од лето се премести за зима, па од 12 јануари ќе се игра во Унгарија итн.