Животот во Мелбурн се одвива нормално и покрај рестрикциите и воведените мерки, но доближувањето на пожарите создава загриженост, додека австралиските власти се обидуваат да се справат со огнот и да спречат ширење на паника, вели скопјанецот Андреј кој живее во Мелбурн, во разговор за „Нова Македонија“.
– Во Мелбурн, сега за сега, сѐ се одвива нормално. Дозволено е да ги миеме автомобилите со вода, така што рестрикциите уште не се на остро ниво. Но, утринава пожарите се доближија на 20 километри од населбата во која живеат мои роднини, така што сум загрижен за нив. Пожарите зафатија градски парк во близина на нивната куќа, а северно од Мелбурн исто така има пожари – објаснува Андреј.
Тој додава дека засега нема паника во Мелбурн бидејќи таму е поладно, како и дека сѐ уште нема посериозни рестрикции, освен забраната за палење оган на отворено и за беспотребното трошење вода. Храната поскапува поради сушата, а насекаде низ земјата има пунктови за донации за оние кои се оштетени од пожарите.
– Властите се обидуваат да ја стават паниката под контрола и испраќаат пожарникари колку што се во можност, но постојано има дефицит поради големата површина зафатена од пожарите – објаснува Андреј.
Како што посочува Андреј, во борбата против пожарите се палат мали контролирани огнови и се копаат ровови, со цел да се ублажат последиците. Честопати на север од градот се спушта облак од чад поради, претежно поради низинскиот терен и чадот што се шири брзо.
Сите сојузни држави на Австралија се погодени од рекордно високите температури и енормните штети предизвикани од пожарите. Во Сиднеј температурата достигна 41 Целзиусов степен, но најпогодена е сојузната држава Нов Јужен Велс, со 100 пожари, додека голем дел од градот Балморал беше уништен од пожарите на 22 декември, пренесува Би-би-си.
Во понеделникот, најпогодена беше австралиската сојузна држава Викторија. Околу 300.000 луѓе беа предупредени да го напуштат популарниот регион за прослави Ист Гипсленд, но потоа евакуацијата беше запрена поради опасноста од патување низ опожарените предели и патишта.
Еден пожарникар им подлегна на повредите во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс. Бројката на настрадани лица достигна десет луѓе од избивањето на пожарите во септември.
Во меѓувреме, околу 250.000 луѓе потпишаа петиција во Сиднеј и во сојузната држава Нов Јужен Велс со цел да бидат откажани огнометите планирани за прославувањето на Нова година, а средствата да се пренасочат во борбата против пожарите. Властите, пак, остануваат на тоа огнометите да се одржат како што е планирано. В.Т.