Можам да отстранам сè кога пишувам; мојата тага исчезнува, мојата храброст се раѓа, вели Ана Франк во својот дневник кој претставува сведоштво за она што се случувало во периодот на холокаустот.
Создавајќи содржина од млади за млади, професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов“ и неговите ученички Мелани, Ана, Лина и Деница ја пренесуваат приказната за Ана Франк, со илустрации од нивните соученички Огнена и Бисера.
Во оваа идеја, ученичките од „Орце Николов“ беа поддржани од издавачкиот центар „Херои“ и Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија. Во месец во кој се одбележува 75 години од возобновувањето на Еврејската заедница во нашата земја, во соработка со Фондот на Холокаустот, Издавачкиот центар „Херои“ ви го приближува ова издание изработено од младите.
Промоцијата на книгата ќе се одржи во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија денеска со почеток во 12 часот. На промоцијата ќе се презентираат делови од книгата, по што ќе има обраќање од младите автори.
Како издавачки центар ја цениме приказната на Ана Франк и сметаме дека вредностите на хероите во неа треба да се пренесат во нашата околина. Токму затоа, решивме во формат попристапен за младите да ги пренесеме овие историски карактери кои ќе им помогнат да се изградат и да ги откријат и поддржат своите вистински херои од денешницата. Првиот објавен дневник пред седумдесет години стигна до милиони луѓе низ целиот свет, а со ова издание ќе стигнеме до илјадници млади кај нас и ќе ја доближиме оваа приказна до нив.
Со задоволство ве очекуваме на промоцијата на книгата.