Четвртиот најбогат човек на светот Ворен Бафет (89) трупа пари додека се мачи да ја најде неговата следна голема зделка, во која би инвестирал дел од неговото богатство кое моментно се проценува на околу 89 милијарди долари.
Филозофијата за инвестирање на Бафет која се заснова врз купување и држење на акциите досега се покажа како една од најдобрите стратегии на сите времиња. А особено се исплатеше во изминава деценија, наведува „Форбс“. „Пророкот од Омаха“, како што е познат Бафет ја завршува годинава со богатство чија приближна вредност се проценува на 89 милијарди долари, што е за 42 милијарди повеќе во однос на 2010 година. Тоа му го донесе седмото место на листата на милијардери што оствариле најголема добивка во изминатата деценија. Неговиот капитал се зголеми и покрај тоа што од 2006 година подари акции на неговата компанија „Беркшир Хатавеј“ во вредност од 34 милијарди долари во добротворни цели.
Претседателот и извршен директор на „Беркшир Хатавеј“ ги трупа парите одбивајќи бизнис-можности за инвестирање. Бафет веќе подолго време бара голема зделка на која ќе потроши дел од 128-те милијарди долари на неговата компанија, но смета дека се е прескапо. Тој вели дека самата помисла за преземање на друга компанија прави неговото срце да „чука посилно“.
Искусниот инвеститор досега презема повеќе од 200 компании, но поминаа околу четири години од последната значајна зделка на „Беркшир Хатавеј“, односно преземањето на снабдувачот на авионски делови „Пресижн кастпартс“ за 37 милијарди долари. Долгиот период без богата инвестиција не е забавен за Бафет, а без нови аквизиции со кои би се фалел, неговите традиционални годишни писма до јавноста стануваат се пократки. М.Ж.
Берзата го одредува неговиот појадок од три долари
Дневната рутина на Бафет според која тој секое утро појадува во оближниот ресторан „Мекдоналдс“, на патот кон канцелариите на една од неговите компании, беше прикажана во документарецот „Станувајќи Ворен Бафет“. Тој одлучува кој сендвич ќе го појадува, во зависност од состојбата на берзата, веќе 50 години. Цените на оброците, на човекот чие богатство се проценува на 89 милијарди долари, изнесуваат 2,61, 2,95 и 3,17 долари.
– Кога се чувствувам среќно, се одлучувам за оброкот од 2,61 долари. Тоа се две плескавици со чаша кока-кола. За 3,17 долари појадувам сендвич со сланина, јајце и со кашкавал. Но берзата е во пад сабајлево, па мислам дека нема да го земам оброкот од 3,17 долари, туку оној од 2,95 долари – објаснува Бафет, кој појадува во својата канцеларија.
Интересно е што тој имаше значаен удел во акциите на „Мекдоналдс“ во 1997 година, но според последните информации, веќе не ги поседува.
Роднините добиваат подароци повредни од пари
Бафет порано ги дарувал роднините со снопови од 10 илјади долари, но тој ја сменил практиката, со што веќе извесно време им дава акции во вредност од 10 илјади долари, наместо кеш, според тврдењата на Мери Бафет, поранешната сопруга на неговиот син Питер (беа во брак од 1980 до 1993 година).
– Си кажав дека акциите вредат многу повеќе од 10 илјади долари, па ги задржав и нивната вредност постојано растеше. Потоа секоја година ни даваше акции, чија вредност се зголемуваше, па јас купував уште од нив – објаснува Мери.
Познато е дека Бафет сака да им дава на блиските и слатки од „Си Кенди“ кои се негови омилени. Токму затоа милијардерот ја купил компанијата во 1972 година. Од друга страна Бафет не добива подароци за возврат, бидејќи како што вели Мери „тој е многу богат и не сака ништо“.