Кина ги намалува царините за увоз на производи за широка потрошувачка
Кина од следната година ќе ги намали царините за увоз на стотина производи, вклучувајќи и замрзнато свинско месо, лекови и компјутерска опрема, за да го отстрани недостигот и да сигнализира подготвеност кон засилено отворање на економијата. Пекинг од 1 јануари ќе ги намали царините на увоз на вкупно 859 категории на производи, главно за широка потрошувачка.
Царините ќе бидат променети за да се „зголеми увозот на производи што наскоро би можеле да недостигаат на домашниот пазар, како и на странски специјализирани производи наменети за секојдневна потрошувачка“, соопшти кинеското министерство за финансии.
Аргентина не може да ги намири финансиските обврски
Аргентина не може да ги намири своите финансиски обврски, изјави претседателот Алберто Фернандез, споредувајќи ја ситуацијата со кризата од почетокот на векот, најлоша во поновата историја на земјата.
Аргентина е во рецесија и се очекува оваа година економијата да се намали за 3,1 отсто. Економската криза во земјата трае веќе 18 месеци, а ја разгоре наглиот пад на вредноста на пезосот.
„Туркиш ерлајнс“ се подготвува да го тужи „Боинг“
Најголемата турска авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ се подготвува да поднесе тужба против американската компанија „Боинг“ поради неизвесноста за спорниот модел „737 макс“.
„Туркиш ерлајнс“ објави во март дека ги суспендирал летовите на 12 авиони од овој тип во својата флота. Претседателот на управата Билал Екси во јуни изјави дека воздухопловната компанија очекува компензација за загубите произлезени од приземјувањето на авионите.
Превозниците низ светот во март ги повлекоа авионите „737 макс“ на „Боинг“ по две тешки несреќи во Индонезија и Етиопија, во кои загинаа вкупно 346 луѓе.
Италијанската влада повеќе нема да дава пари за „Алиталиа“
Италијанската влада повеќе нема да дава пари за „Алиталиа“, најави министерот за индустрија Стефано Патуанели, предупредувајќи дека оваа авиокомпанија би можело да биде затворена доколку до средината на следната година не биде најден купец.
– Владата ќе се обиде во следните шест месеци да го реши прашањето на оваа воздухопловна компанија, која губи по два милиони евра дневно – рече Патуанели.
„Алиталиа“ не остварува профит од 2002 година и добиваше државна помош во неколку наврати низ годините.