Германија и Австрија воведоа зајакната контрола на меѓусебната граница, како една од мерките за борба против криминалот и илегалната миграција.
Како што јави ДПА, од денеска долж германско-австриската граница припадници на полициите на двете земји започнаа со заедничка контрола на граничните премини. Планирано е наскоро да се воведе и заедничка австриско-германска полициска контрола и на преминот „Бренер“ на границата меѓу Австрија и Италија.
Предвидено е по три месеци да се изврши анализа на заедничката контрола, по што би се донела одлука за понатамошните активности.
– Со овие контроли сакаме навремено да го спречиме опасниот и незаконски влез на мигранти скриени во товарните возови, како и да не дозволиме несреќни случаи. Мигрантите продолжуваат самите да се изложуваат на опасност и да ги загрозуваат своите животи, изјави претставник на германската полиција.
Според податоците на германската полиција, во текот на 2017 година во товарни возови биле откриени 1.000 мигранти. Лани вкупно 14.600 лица се обиделе илегално да ја минат германско-австриската граница, а во првите четири месеци од оваа година се регистиррани 3.800 такви случаи.