Советот на општина Тетово донесе одлука со која дел од работата на јавното комунално претријатие (ЈКП) се препушта на оператори-фирми за кои се одредени дополнителни цени. Со тоа ќе поскапе дел од погребувањето и користење на православните гробишта, иако состојба на двете локации е далеку од стандардизирана.

Според изгласаната одлука за висина на надоместоци за услуги на православните гробишта се зголемуваат трошоците на операторите и каменоресците. Се воведува цена од 400 денари за влез на погребално возило на гробиштата кои се раководат од Јавното комунално претријатие, која досега не постоеше. Надоместокот за пристап на гробишта за ископ и закоп на гробно место операторите ќе го плаќаат 1.000 денари. Каменоресци за влез и работа ќе плаќаат 1.500 денари.

-Ние како ЈКП треба да бидеме како управител на православните гробишта, а не да ги вршиме дејностите во врска со погребалните услуги. Токму заради тоа, во согласност со препораките на државниот комунален инспекторат ни беше предочено дека треба да се усогласи ценовникот на услугите. Затоа сега се вметнати ставките за доделување на гробно место како право на лична сопственост, ставките за влез на операторот и каменоресците, истакна претставник на ЈКП на седница на Советот на општина Тетово.

Новите цените за погреб доаѓаат во време кога на православните гробишта нема доволно места ниту да се помине до старите гробови. На новата локација кај селото Фалише нема никакви услови за погребување. Има само импровизирана чешма и еден контејнер.

Недостига покриен простор, маси, клупи, струја и друго. Од 2013 година се чека да се доврши изградбата на капелата. Купување само на гробно место во ЈКП Тетово при погреб чини 5.870 денари, додека цената за одржување за една година е 440 денари.

А.С.